Граѓанската иницијатива АВАЈА собрала 10.322 потписи од 14 општини низ земјата, во рамките на кампањата „Ние гласаме, ние одлучуваме“, за потребата од посериозни напори за унапредување на положбата на Ромите
Ромската заедница во земјата бара поголема застапеност во јавната администрација, како и повеќе пари за реализација на капиталните инвестиции во ромските населби, а овие барања ќе им ги пренесат лично на претседателските кандидати Гордана Сиљановска-Давкова и Стево Пендаровски, на средбата закажана за 3 мај.
Граѓанската иницијатива АВАЈА собра над 10.000 потписи во 14 општини низ земјата, во рамките на кампањата „Ние гласаме, ние одлучуваме“.
– Граѓанската иницијатива АВАЈА во изминатите 15 дена активно беше вклучена на терен за да го слушне гласот на ромскиот народ и собра поддршка од ромската заедница во однос на манифестот со трите приоритетни барања на ромската заедница. За осум дена теренска работа се собраа 10.322 потписи. Овој факт укажува на потребата од посериозни напори за унапредување на положбата на Ромите – порача Акиф Кариман, претставник на граѓанската иницијатива АВАЈА, на прес-конференција одржана вчера.
Тој посочи дека во манифестот се бара Ромите да бидат минимум 2 проценти застапени во државната и јавната администрација за да се запази прaвичната застапеност по институциите, особено во министерствата, потоа двојна буџетска алокација за решавање на проблемите и двојно поголема реализација на капиталните инвестиции во ромските населби до 2020 година.
– Ние како иницијатива очекуваме дека по јавната средба со претседателските кандидати, ромската заедница самостојно ќе одлучи за кого ќе го даде својот глас. Затоа, апелираме до заедницата активно да придонесе во овој дел со искористување на своето право на глас во вториот круг на изборите. Изборните резултати на првиот изборен круг покажаа дека ромското гласачко тело очекува конкретни резултати за нивните проблеми – рече Елвис Шаќири од АВАЈА.
Тој истакна дека во минатото ромските гласачи биле манипулирани преку купување на нивниот глас, притисоци и разни други форми што го загрозуваа нивното демократско право на глас и информиран избор.
– Апелираме Ромите да го задржат нивото на политичката култура и зрелост, која ја демонстрираа, и да го искористат свето право на глас без никакви притисоци – додаде Шаќири.
Како што појаснија од граѓанската иницијатива, целта е да се дејствува во насока на охрабрување на гласачите Роми да учествуваат во вториот круг на претседателските избори и да го искористат своето право на глас, со што ќе придонесат кон издигнување на политичката култура на ромската заедница и демократските процеси во земјата.
АВАЈА е иницијатива што ги артикулира барањата на ромската заедница преточени во манифест, кој веќе е презентиран пред македонскиот премиер Зоран Заев, пред политичките субјекти, пред дипломатскиот кор и пред ромската заедница, и очекуваат сите да се вклучат во решавањето на нивните проблеми.