Со ратификување на договорот со новоименуваната Република Северна Македонија, Грција имплицитно го призна постоењето на македонскиот јазик и етничкото малцинство. Но, сепак, долги години го негираше постоењето на македонското малцинство, вели Марија Маргаронис. Дали сега нешто ќе се промени, е прашањето што го загатна британската телевизиска мрежа во својата репортажа од Грција
Деведесет и двегодишниот Фокас, облечен во жолто-кафени кожeни чевли и бежово палто, кој иако исправен, се потпираше на бастунот од црн абонос и слонова коска, донесен пред Романија од страна на дедо му. Сеќавањата и размислувањето му се еднакво одлични како стилот на облекување.
Како пензиониран адвокат, Фокас одлично го зборува литературниот грчки јазик, но со специфичен акцент, затоа што неговиот мајчин јазик е македонскиот, поточно словенскиот јазик сличен на бугарскиот што се зборува со векови во овој дел од Балканскиот Полуостров. Во модерната куќа на неговиот син во едно село во северна Грција, тој ја раскажа болната историја за непризнаеното словенско малцинство во Грција.
Фокас уште од почетокот нагласи дека истовремено се чувствува како етнички Македонец и грчки патриот. Има добра причина зошто ја нагласува својата лојалност, а тоа е дека речиси еден век етничките Македонци во Грција биле кривично гонети, а понекогаш и протерувани од државата и речиси сите го негирале нивното постоење. Повеќето од нив не сакаат да зборуваат за својот идентитет со непознати. За нив и за другите тие се познати како „локални жители“ што зборуваат на „локален“ јазик. Тие не се споменуваат во историските учебници, не се заведени во пописот на населението по 1951 година (кога само нејасно се заведени како „словенско население“) и едвај се споменуваат во јавност. Повеќето Грци не знаат за нивното постоење.
Ваквото бришење беше една од причините за долгогодишниот спор на Грција со поранешната југословенска република, која сега официјално се вика Република Северна Македонија. Спорот конечно се реши минатиот месец, со ратификувањето во грчкиот парламент (со мнозинство од седум пратеници) на договорот што го потпишаа лани во јуни премиерите на двете држави. Кога грчкиот премиер Алексис Ципрас за време на парламентарната седница го спомена постоењето на „славомакедонците“ во Грција за време на Втората светска војна, тој го скрши старото табу.
Употребата на името „Македонија“ од страна на соседната држава имплицитно покажува дека Македонците се самостоен народ и ја отвора вратата за тешките прашања околу историјата за македонското малцинство во Грција.
Кога Фокас бил роден, Грција штотуку го анектирала северниот грчки регион Македонија. До 1913 година тој бил дел од Османлиската Империја, со тоа што Грција, Бугарија и Србија ги користеле нивните словенски жители како причина за да бараат право врз таа територија. Ова делумно беше реакција на конкурентните сили, поради тоа што на крајот од 19 и почетокот на 20 век се појавило постоењето на посебниот славомакедонски идентитет. Како што велел чичкото на Фокас, семејството не било ниту српско, ниту грчко, ниту бугарско, туку православно македонско.
На крајот, славомакедонците беа поделени меѓу трите нови држави. Во Грција дел од нив беше протеран, а тие што останале беа присилно асимилирани. Сите села и градови со негрчки имиња добиле нови топоними, кои ги избирале експертски комитети на крајот од 1920-тите години, иако речиси еден век подоцна некои „локалци“ сè уште ги користат старите топоними. Во 1936 година, кога Фокас имал само девет години, грчкиот диктатор Јоанис Метаксас (поддржувач на Мусолини) го забранил македонскиот јазик и ги натерал сите македонски жители да ги променат своите имиња во грчки. Фокас се сеќава дека полицајци ги прислушувале ужалените на погребите и исто така ги прислушувале жителите дома дали зборувале или пееле на забранетиот јазик. Имало тужби, закани и физичко насилство.
Жените, кои најчесто не знаеле грчки јазик, си ги покривале устите со шамии за да можат придушено да зборуваат, но мајката на Фокас била уапсена и казнета со 250 драхми што тогаш била голема сума.
– Под власта на Метаксас, Грците му правеа многу проблеми на словенското население. Дваесет луѓе од моето село, глави на познати семејства беа прогонети на островот Иос. Таткото на мојата сопруга беше еден од нив – вели тој.
Исто така биле присилувани да пијат рицинусово масло, кое е моќен лаксатив.
Кога Германија, Италија и Бугарија ја окупирале Грција во 1941 година, дел од словенското население ги пречекал Бугарите како можни ослободители од диктаторскиот режим на Метаксас. Но многумина од нив набргу се приклучиле на отпорот што го предводела Комунистичката партија (која тогаш го поддржувала македонското малцинство) и продолжиле да се борат заедно со комунистите во Граѓанската војна што следувала по окупацијата на Оската. (Бугарија го анектирала источниот дел на грчка Македонија од 1941 до 1944 година и извршила страшни ѕверства. Многу Грци погрешно им го припишуваат ова на Македонците, кои тие ги сметаат за Бугари.) Кога комунистите на крајот доживеале пораз, следувале тешки одмазди за сите што биле поврзани со отпорот или левицата.
– Македонците ја платија највисоката цена од сите во Граѓанската војна. Осум луѓе беа изведени пред воен суд и егзекутирани само од моето село, потоа осум од соседното, 23 од друго итн. Тие убија дедо и внук, кој имаше само 18 години – вели Фокас.
Во тоа време Фокас бил студент во Солун, но исто така бил уапсен и бил три години во затвор на островот Макронисос, не затоа што сторил кривично дело, туку затоа што мајка му помогнала на неговиот шура да избега преку прозорец од една кафетерија каде што бил фатен. Повеќето од затворениците на Макронисос биле грчки левичари и биле присилени да потпишат изјави на покајание за нивното комунистичко минато.
Тие што одбиле, биле присилени да одат по боцкава жица или биле тепани со стапови.
– Се правеа страшни работи, но не смееме да зборуваме за нив. Тоа е навреда за грчката цивилизација и ѝ наштетува на добрата репутација на Грција – вели Фокас.
Десетици илјадници борци во Демократската војска, од која половина биле словенски жители, биле протерани во државите од Источниот блок по Граѓанската војна. Околу 20.000 деца биле пренесени преку границата од страна на комунистите за нивна заштита или како резервисти за некаква војна во иднина. Многу словенски жители исто така избегале на север за да се заштитат. Цели села биле напуштени, како што е старото село Кристалопиги (Смрдеш на македонски) во близината на албанската граница, каде што само црквата „Св. Ѓорѓи“ стои како споменик за местото во кое некогаш живееле над 1.500 луѓе.
Во 1982 година повеќе од 30 години по крајот на конфликтот, грчката социјалистичка влада објавила декрет со кој им се дозволило враќање на бегалците од Граѓанската војна, но само на оние со „грчко потекло“. Етничките Македонци од Грција и натаму останале прогонети од нивната држава, селата и земјата, а семејствата што биле разделени во војната никогаш повеќе не се обединиле. Таткото и братот на сопругата на Фокас починале во Скопје. Но тој истакнува дека со декретот со премолчување се признало дека постојат етнички Македонци во Грција, иако државата никогаш официјално не го призна нивното постоење.
– Сите тие бегалци оставија деца, внуци, татковци и мајки зад себе. Што се тие ако не Македонци – вели Фокас.
Невозможно е точно да се одреди бројот на словенското население или потомците на етничките Македонци во Грција. Историчарот Леонидас Ембирикос проценува дека над 100.000 од нив денес сè уште живеат во грчкиот регион Македонија, иако само 10.000-20.000 од нив отворено се идентификуваат како дел од малцинството, а многумина се горди грчки националисти.
Македонскиот јазик со децении не е официјално забранет во Грција, но стравот сè уште е присутен. Се сретнав со еден средовечен маж во едно село во близината на крајбрежјето на Преспанско Езеро, каде што лани во јуни беше потпишан договорот меѓу Грција и северномакедонската република и ми објасни дека ваквиот страв се пренесува од генерација на генерација.
– Моите родители не зборуваа дома на овој јазик само за да не го научам и да го зборувам во јавност за да ме заштитат. Дури и не се сеќаваме повеќе зошто се плашиме – порача тој.
Јазикот полека изумира затоа што поради репресијата беше сведен на минимална употреба, а асимилацијата само го заокружи процесот. Сепак зборувањето или пеењето на македонски јазик сè уште може да биде причина за малтретирање. Синот на Фокас е музичар. За нас свиреше на прочуениот македонски кавал, а неговиот мал син со внимание го следеше. Тој заедно со група пријатели порано организирал меѓународен музички фестивал на плоштадот во селото, на кој присуствувале бендови дури од Бразил, Мексико и Русија.
– Откако бендовите ќе завршеа со настап, ние правевме забава и свиревме македонски песни. Ниедна од нив не беше националистичка или сепаратистичка, тоа никогаш немаше да го дозволиме. Но во 2008 година, кога очекувавме да пристигнат странските музичари, локалната власт наеднаш ни забрани да го одржиме фестивалот на плоштадот во селото, иако другите, поточно оние што ни забранија, сè уште ги одржуваат нивните настани таму – вели тој.
Во последен момент, фестивалот се одржал надвор од селото кај трските и мочуриштето без соодветна опрема, што, како што истакнува синот на Фокас, само направило Грците да си го извалкаат името.
– Знаете ли зошто е забрането да се пеат песните на плоштадот, но не и на полињата околу селото? Затоа што на плоштадот има кафулиња и локалните жители таму седат, гледаат и мораат да слушаат во тајност. Но надвор од селото можат слободно да уживаат во нив, а на тој начин само ќе привлечеа внимание кон себе – додава Фокас.
Ратификувањето на договорот на Грција со Северна Македонија, како и имплицитното признавање на македонскиот јазик и етничката припадност, е голем политички успех, кој треба да помогне да се отстранат ваквите стравови. Но процесот исто така поттикна нов бран гнев и вознемиреност, со понекогаш големи и насилни протести против договорот, што беа поддржувани од страна на делови од Православната црква. До крајот на годината треба да се одржат нови избори. Десничарската грчка опозиција веднаш почна да ги искористува националистичките чувства и да ја обвинува владата на СИРИЗА за предавство. За грчкото словенско население, кое долго време се бореше да може слободно културно да се изразува, можеби уште не е вистинското време да излезе од сенките. Поминаа повеќе од 25 години по распадот на Југославија и формирањето на независна Македонија. До пред неколку недели, новата држава немаше официјално и меѓународно признаено име, затоа што Грција се противеше на името „Македонија“. Речиси целото тоа време еден човек напорно работеше да најде решение за проблемот.
Заради заштита на идентитетот во статијата не се користеше презимето на Фокас.