Силно веруваме дека приемот на Македонија во НАТО ќе доведе до натамошно зголемување на стабилноста и безбедност на регионот. Оттука цврсто ја поддржуваме Македонија што е можно поскоро да добие статус на полноправна членка, стои во заедничката Изјава што денеска во Будва ја потпишаа министрите за одбрана од групата А5 и заменик помошничката Лора Купер во име на секретарот за одбрана на САД Џејмс Матис.
Во Изјавата, меѓу другото, како што соопшти Министерството за одбрана, посебно се нагласува финиширањето на пристапните разговори и се поздравува идното членство на Македонија во НАТО.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска која учествува на состанокот на министри од САД-Јадранската повелба (група А5) што се одржува во Будва, имаше работен појадок со заменик помошничката на секретарот за одбрана на САД Купер на кој уште еднаш беше истакната силната поддршка до Македонија од стратешкиот партнер САД и уверувањето дека со полноправното членство во НАТО нашата земја ќе стане дополнителен фактор за стабилноста и безбедноста на регионот.
Претставничката на САД беше информирана дека Македонија ја изготвила и наскоро ќе ја презентира пред НАТО Програмата за продолжување на реформи и дека минатонеделната посета на Воениот комитет на НАТО е сигнал дека интегрирањето на Македонија во Алијансата добива се појасни контури и видливост во меѓународните рамки.
Учесниците на состанокот се заложија за натамошно продолжување на политиката на отворени врати за прием на нови членки на Алијансата со цел поддршка на аспирациите на останатите земји од регионот. Беше афирмирана и заедничката посветеност на НАТО мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан при што потписниците се обврзаа на натамошно учество во меѓународните мисии на Алијансата.
Тема на министерскиот состанок беше регионалната соработка и посветеноста на земјите членки на групата А5 – Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина и Хрватска и Црна Гора, на интеграцијата на земјите од Југоисточна Европа во евроатлантските структури.
Од страна на сите учесници на состанокот беше изразена и благодарност до САД за поддршката во развојот на групата А5 при што е истакната потребата за продолжување на американската улога во зајакнување на капацитетите и можностите на безбедноста и одбраната во регионот.