Во однос на последните најави за реформи во образованите, со реакција излегоа членовите на ОЛЛН -МАНУ, меѓу кои академик Катица Ќулавкова, академик Зузана Тополињска, академик Витомир Митевски, академик Ѓорги Поп-Атанасов и дописниот член на МАНУ Марјан Марковиќ. Во реакцијата се вели дека искажуваат јавна поддршка на стручниот, компетентен и критички став на Институтот за историја при Филозофскиот факултет. Во продолжение ви ја пренесуваме реакцијата во целост.
Имајќи го предвид местото и улогата на предметот историја во воспитно-образовниот процес на младите генерации во европски и меѓународни рамки;
Имајќи ја предвид важноста на историската свест на современите генерации за историското минато и за политичката и културната историја на Македонија;
Потсетувајќи дека историските процеси се законити, па токму затоа треба да бидат предмет на систематско научно проучување и да претставуваат посебно наставно подрачје на образовниот процес од најрана возраст;
Истакнувајќи дека познавањето на историското минато е услов за спознавање на современата стварност и за одредување на стратегиите на развојот на секоја нација и држава, но и на одделните индивидуи;
Свесни дека е неопходна примена на нови наставни методи и алатки за усвојување на историските содржини;
Свесни за чувствителноста на тајмингот во којшто се носи концепт кој би можел да го деградира местото на предметот историја и на самата историска наука и да ја доведе во прашање автономноста на историската наука и на образовниот процес;
Ние, членови на Одделението за лингвистика и литературна наука на МАНУ искажуваме јавна поддршка на стручниот, компетентен и критички став на Институтот за историја при Филозофскиот факултет во Скопје во врска со новиот реформски концепт на Министерството за образование и наука (МОН) на наставната програма по предметот ‘Историја’ во државата Македонија и се залагаме за транспарентен, стручен и одговорен однос кон историската проблематика и нејзиниот третман во сите степени на образовниот процес во нашата држава.