Прогнозите на Обединетите нации се дека просечното траење на животот во Република Мaкедонија континуирано ќе се зголемува и оти просечниот животен век ќе изнесува 74,9 години, за во 2050 година да достигне 79,5 години, се наведува во соопштението од Институтот за јавно здравје
Македонија го премина прагот на демографската старост. Со 15 проценти старо население над 60 години, земјава го надминува коефициентот на старо население од 12 проценти. На светско ниво, до 2050 година се очекува популацијата над 60 години да достигне две милијарди, за разлика од 2015 кога изнесувала 900 милиони. Падот на стапката на наталитетот и продолжениот животен век ја менува демографската слика во земјите низ светот.
Во соопштението од Институтот за јавно здравје, во однос на старосната структура, македонското население сѐ повеќе старее. Во периодот од 2007 до 2017 година, учеството на младото население од нула до 14 години, во вкупното, е намалено од 18,5 проценти на 16,5 проценти, а учеството на старото население со 65 години и повеќе е зголемено од 11,4 на 13,7 отсто. Поголем е бројот на жените што се забележуваат во старосната група од 65 години и повеќе. Па, така, промените на старосната структура на населението во земјава, има своја рефлексија и врз бројот на умрените лица. Просечната возраст кај умрените од женски пол изнесува 74,7 години, додека кај мажите 70,3 години.
– Прогнозите на Обединетите нации се дека просечното траење на животот во Република Мaкедонија континуирано ќе се зголемува и оти просечниот животен век ќе изнесува 74,9 години, за во 2050 година да достигне 79,5 години – се вели во соопштението од ИЈЗ.
Според нив, најчестите заболувања кај старите лица се кардиоваскуларните болести, болестите на гастроинтестиналниот систем и респираторниот систем, неоплазмите, болестите на нервниот систем и сетила, болести на мускулно-коскениот систем, повреди и труења, дијабет, депресија, несоница, деменција и други.
– Во вкупната смртност на населението во Република Македонија во 2017 година поголемиот број умрени лица се на возраст од 65 и повеќе години, при што најголемо учество имаат умрените лица од болести на циркулаторниот систем, потоа се случаите кај кои како причина за смрт се јавуваат неоплазмите, следуваат случаите кај кои причина за смрт се ендокрините, нутритивните и метаболичните болести, а на четврто место се застапени случаите кај кои причина за смрт се болестите на респираторниот систем – наведуваат од ИЈЗ.
Оттаму препорачуваат примена на соодветни мерки за да им се обезбеди на граѓаните активно и здраво стареење.
– Треба да се отворат центри за дневно и привремено прифаќање стари лица, да се вклучат старите лица во планирање, имплементација и општествена евалуација на локални здравствени, социјални и рекреативни активности, зголемување на бројот на домови за стари лица, кои ќе бидат надвор од градот Скопје, промоција на здравјето кај старите лица и едукација за штетните ефекти од пушењето, алкохолот, лошата исхрана и промовирање на физичката активност – соопшти ИЈЗ.