Четири лица со компликации од грип, од кои едно во тешка здравствена состојба и осум други со симптоми на вирусот, до вчера биле хоспитализирани на Универзитетската клиника за инфективни болести. Меѓу хоспитализираните на Инфективната клиника до вчера немало деца, но ги имало на Детската клиника во Козле, каде што дваесетина биле лекувани од пневмонија поради компликации од грипот
Дали по тринеделниот училиштен распуст и со почнувањето на второто полугодие се заканува поинтензивно ширење на опасниот вирус на грип, кој веќе зеде замав низ државите на Европа, а според објавата на здравствените власти во земјава до вчера на Универзитетската клиника за инфективни болести биле хоспитализирани четири лица со компликации од грип, од кои едно во тешка здравствена состојба и осум други со симптоми на вирусот. Меѓу хоспитализираните на Инфективната клиника до вчера немало деца, но ги имало на Детската клиника во Козле, каде што дваесетина биле лекувани од пневмонија поради компликации од грипот.
Иако според надлежните станува збор мал пораст на бројот на заболените од грип, сепак, тие сериозно предупредуваат дека очекуваат бројот на заболени да расте, особено поради почетокот на второто полугодие за учениците.
– Овој период очекуваме да расте бројот, минатата недела веќе имавме двојно повеќе заболени. Биле пријавени 583 лица. Во вирусолошката лабораторија има пет позитивни, од кои три се со А(Х1Н1) – велат епидемиолозите од Институтот за јавно здравје.
Засега нема забрани за посети во болниците, а епидемиолозите препорачуваат поголема хигиена кај учениците за да не дојде до забрзано ширење на вирусот.
– Сите што ќе забележат првични симптоми на грип, не треба да посетуваат настава. Така кај учениците може да се намали бројот на заразени. Инаку, нема некоја конкретна мерка што може целосно да го спречи ширењето на вирусот – посочуваат надлежните.
Најголем број случаи се регистрирани во Гостивар, Струмица и во Скопје.
Инаку, податоците на Институтот за јавно здравје покажале дека од хоспитализираните пациенти, ниту еден не бил вакциниран против грип. За таа цел, според епидемиолозите, најдобра превенција од грипот е вакцинацијата.
– Не е доцна да се вакцинираат оние што се во ризични групи, но и сите граѓани – посочуваат докторите.
Досега од грип се заштитиле над 40 илјади лица, од кои 28 илјади добиле бесплатни вакцини зашто припаѓале во ризичните групи.