Собранието на Република Македонија ја заврши денешната расправа по Предлогот за пристапување кон уставните измени и новото продолжение го закажа за утре во 11 часот.
И во попладневниот дел од расправата власта и опозицијата имаа спротиставени ставови. Опозицијата смета дека Договорот од Преспа е штетен, противуставен и политички мртов, а парламентарното мнозинство повика на одговорност и заедништво при донесувањето на историски одлуки. Посочија дека подобар договор од овој не може да има и оти ако тој се отфрли, тогаш на државата и се заканува изолација.
Пратеничката Павлинче Честојнова од ВМРО-ДПМНЕ од собраниската говорница порача дека ќе гласа против уставните измени бидејќи според неа Договорот од Преспа е штетен и капитуларен.
– Договорот е политички и правно мртов – рече Честојанова, додавајќи дека на референдумот не бил исполнет цензусот и оти никој нема легитимитет да работи против волјата на народот.
За независната пратеничка Ивана Туфегџиќ, одговорноста е многу поголема од личните калкулации и политички партии.
– Дали можеме да се надминеме и да сфатиме дека овој договор е единствената шанса којашто ни се нуди. Не постои подобар договор од овој. Уште колку години ќе чекаат нашите граѓани и мислете ли дека младите ќе седат и ќе чекаат да се постигне подобар договор. Верувам дека постои свест и совест кај секој од нас да одлучи за интересите на народот – рече Туфегџиќ.
Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ во репликата на Туфегџиќ рече дека е невистина оти ако Македонија влезе во ЕУ и НАТО ќе се спречи иселувањето на младите од државата. Се осврна и на одѕивот на референдумот обвинувајќи дека е катастрофа тоа што на одредени избирачки места имало полнење на кутии и одѕив од 96 проценти.
Во репликите кон останатите пратеници, Ѓорчев посочи дека огромно мнозинство од македонскиот народ не се согласува со Договорот и оти има резерви за она што е потпишано.
Џевад Адеми од ДУИ порача дека како никогаш порано на Македонија и е потребно единство и дека сите треба да се издигнат над калкулациите.
– Македонија е пред историски тест што нема да се повтори. Имаме посебен историски момент во Македонија. Не треба мудрост за да видиме дека големиот број граѓани се согласуваат и се едногласни дека Македонија нема друга алтернатива, освен членството во НАТО и ЕУ – рече Адеми.
На почетокот на денешната седница се обрати премиерот Зоран Заев кој повика на помирување за 27 април и ги повика пратениците да гласаат за уставните измени.