Од тоа каков ќе биде исходот од сегашната состојба во православието, како и од успешноста на проектот со признавањето на Украинската православна црква зависи и процесот за добивање томос за Македонската православна црква-Охридска архиепископија. Токму МПЦ-ОА треба да биде следната црква на дневен ред на Вселенската патријаршија
Каде оди православието, можна ли е поделба на два блока на православните цркви, од кои еден ќе биде под Вселенската патријаршија, друг под Руската православна црква? Ова се клучните прашања што си ги поставува речиси секој втор православен верник, откако Вселенската патријаршија ја почна борбата за признавање на Украинската црква, а Руската црква паралелно ја води битката за оспорување на таквото признавање.
Од тоа каков ќе биде исходот од сегашната состојба во православието, како и од успешноста на проектот со признавањето на Украинската православна црква зависи и процесот за добивање томос за Македонската православна црква-Охридска архиепископија.
Токму МПЦ-ОА треба да биде следната црква на дневен ред на Вселенската патријаршија.
Со спортски речник, според македонските верски аналитичари, во овој случај, сегашниот резултат е 3:2 во корист на Вселенската патријаршија, на која ѝ се приклучија Грчката црква и Александриската патријаршија. На страната на РПЦ засега е само Полската црква.
Верските аналитичари велат дека следниот период ќе се случуваат нови потреси, а поголеми се шансите дел од црквите да се приклучи кон Вселенската патријаршија.
– Охрабрени од Грчката, но пред сѐ од Александриската патријаршија, за очекување е дека следниот чекор ќе го повлече некоја од црквите чии поглавари се Грци. Можеби Кипарската архиепископија или Албанската црква. Ако овие две цркви донесат одлука да ја признаат Православната црква во Украина, тогаш предноста на Вартоломеј би била голема пред рускиот патријарх Кирил – посочуваат аналитичарите.
Според нив, неизвесно е како ќе се постават двете древни патријаршии, како Ерусалимската и Антиохиската. Кај овие две цркви е големо и руското влијание, особено преку политиката на руската држава, но од друга страна тие две цркви се традиционално поблиску до грчкиот блок. Сепак, клучно како ќе се одвиваат состојбите во православието ќе зависи како ќе се позиционираат Грузиската и Романската патријаршија. Станува збор за две големи цркви, од кои Романската е надвор од онаа поделба на грчки и словенски цркви. Засега Романската црква има неутрален став, но секако дека ќе мора да одлучи дали ја признава или не Украинската црква. Грузиската црква е исто многу важна. Таа сега има некој коректен однос со Руската црква, но историски била во голем конфликт. Грузиските владици во моментов се под голем притисок од руските владици, но до кога ќе трае тоа е прашање на време. Во блокот на Вселенската патријаршија лесно може да помине и црквата на Чешка и Словачка, иако мала црква, сепак, таа е под големо влијание на ВП. Бугарската патријаршија, пак, во моментов е во најнезавидна позиција. Руското влијание кај дел од владиците е големо и тие бараат БПЦ да се изјасни против ПЦУ, но сепак некои владици сметаат поинаку и затоа сѐ уште оваа црква не се изјаснува. Единствена сигурна црква на која во овој момент може да смета РПЦ е СПЦ. Таа нема официјална одлука дека не ја признава УПЦ, но јавно го застапува тој став. Една од причините е и МПЦ, затоа што СПЦ со прашањето за МПЦ е во иста состојба како Руската црква – посочуваат познавачите на состојбите во православието.
Андреја Богдановски, докторанд на Универзитетот во Бакингем, Велика Британија, кој истражува на темата „Црковната политика во православната црква“, вели дека по признавањето на Украинската православната црква од страна на Александриската патријаршија, прашањето е всушност која од православните цркви нема во близок период да ја призна автокефалноста на новосоздадената црква во Украина.
– Тука се вбројуваат црквите што по однос на ова прашање се доста блиски со Руската православна црква, како Српската и Полската православна црква, потоа Православната црква на Чешка и Словачка и најверојатно Антиохиската православна црква – посочува Богдановски.
Според него, ова доведува до дополнително нарушување на и онака заладените односи помеѓу проруското крило на цркви и хеленското.
– Доколку трендот на признавање на Православната црква во Украина продолжи, тогаш рускиот патријарх Кирил според диптихот нема да споменува повеќе од половина од црквите, а со тоа и јазот ќе се продлабочи. Меѓутоа, Руската православна црква, иако губи во битката околу Украинската црква, не седи со скрстени раце и презема иновативни контрамерки. Во случајот со Грчката црква, Руската црква се одлучи да го прекине сослужувањето само со оние архијереи што ја признаваат УПЦ, а не со сите. Исто така им наложи на руските туроператори да ги прекинат религиозните поклоненија на определени места во Грција – нагласува Богдановски.
Што значи признаена автокефалност за МПЦ?
Минатата година премиерот Зоран Заев за црковното прашање иницираше постапка со која испрати писмо до вселенскиот патријарх Вартоломеј, како поддршка на иницијативата на Синодот на МПЦ-ОА за барање признавање на автокефалноста. Автокефална МПЦ во православието значи отворено канонско признание за посебноста на македонскиот народ и држава. Тоа е печат што омеѓува една територија, која, според каноните на црквата, е автокефална затоа што е самостојно државно уредена и водена од владици произлезени од овој посебен народ.
Вселенскиот патријарх: Руските реакции се мрачна работа
Руската црква преку руската влада побара руските туроператори да не организираат туристички и поклонички патувања во Грција, поради одлуката на Грчката црква да ја признае автокефалноста на Украинската православна црква.
Во таа насока е и последната изјава на вселенскиот патријарх Вартоломеј, кој смета дека ваквиот чин е нехристијански.
– Ако лагата ти ја нарекуваш вистина, зашто така ти одговара, тогаш твојата вистина нема никаква вредност и е една мрачна работа. Трагично е чистата намера за поклонение на верниците што го живеат православното благочестие и духовност во една секуларизирана околина, кои се соочени со современите предизвици и промени што ги носи технолошката, економико-центричната и хедонистичка култура и кои од црквата очекуваат духовна поткрепа, да се користи како предмет на злоупотреба заради постигнување цели што му се туѓи на православниот црковен етос и на тој начин да се воведува секуларизација на црквата однатре – истакна вселенскиот патријарх.
Пресуден беше и Соборот на Крит
Поделбите во православниот свет се навестуваа уште со Соборот во Крит, одржан во 2016 година кога претставниците на Руската црква не се појавија, заедно со уште неколку цркви. Главната причина беше токму прашањето за автокефалноста, кое не се најде на дневен ред. РПЦ инсистираше дека томосот за автокефалност треба да го потпишуваат сите поглавари на автокефални цркви, додека, пак, ВП имаше став дека томосот го потпишува вселенскиот патријарх, а би се согласил со ставот дека преостанатите поглавари го сопотпишуваат. Овој собор беше практично навестување на ова што се случува сега во православието.