Германската компанија „Еуроспајк“ претстави четири ракетни проектили на презентацијата одржана денеска во хотелот „Холидеј ин“ во Скопје. Присутните можеа да ги видат моделите „Спајк ЕР2“, Спајк „ЛР2“, „Спајк СР“ и „Спајк Фајрфлај“.
– „Еуроспајк“ беше основана за да ги поддржи основните потреби на армијата на Германија. Европските држави ги прифаќаат сертификатите на „Еуроспајк“. Моментно, спајк-системите ги користат 18 држави во ЕУ и во НАТО, а вкупно 35 држави се клиенти на компанијата. Седумдесет отсто од оружјето што го набавуваат земјите од ЕУ е од оваа компанија. Специфично е што клиентите можат да разговараат со креаторот на оружјето и со дизајнерите. Не станува збор за обични состаноци туку клиентите можат да го видат и опипаат оружјето кое е достапно – истакна Сајмон Адсхед од одделот за маркетинг на „Еуроспајк“.
На презентацијата беше присутен и Арон Лави, менаџерот на компанијата „Рафаел“, кој детално го опиша начинот на функционирање на ракетните системи.
– Во 1973 година Израел беше во војна, а со тоа произлезе потребата за ваква компанија. Тогаш првпат се соочивме со противтенковски ракети и имавме илјадници жртви поради неподготвеност. Од 1974 до 1979 година беше создаден прв примерок на електрооптичка ракета. Оттогаш поминаа 40 години и сега произведуваме повеќе ракетни системи и муниција за ракети. Ракетите функционираат по принцип на камера. Како што се движи и камерата, така се движи и ракетата. Тие се многу прецизни, сликите се бистри и можете да ја погодите целта. Нивна најважна карактеристика е што не можат да бидат попречувани ГПС-уреди, што сега е актуелно во светски рамки. Ракетите се управувани од човечка рака или со систем на инертна навигација. Позитивно е што се зависи од човечкиот фактор, затоа што ракетата може да го промени правецот кога сакате – објасни Лави.
Гостите имаа можност да видат и симулација од моделот „Спајк СР“. Б.Ст.