Министерството за здравство информира дека е разрешен в.д. директорот на Центарот за јавно здравје – Скопје, д-р Арбен Зибери.

– Зибери е разрешен заради пласирање на неточни изјави во јавноста со што директно наштети на угледот на членовите на Комисијата за заразни болести, доведувајќи го во прашање кредибилитетот на здравствените институции во борбата со коронавирусот – се наведува во соопштението на министерството.

Министерството информира и дека д-р. Александар Стојанов, епидемиолог од Центарот за јавно здравје е назначен за нов в.д. директор на Центарот.


ДУИ обвинува за политичка одмазда

Демократската Унија за Интеграција (ДУИ) остро го осудува постапувањето пресметано врз дневна политичка цел, одмазда и во функција на парламентарните избори, на министерот за здравство Венко Филипче против директорот на Институтот за Јавно Здравје во Скопје Арбен Зибери, се наведува во соопштението на партијата.

– Ова политичко постапување на Филипче директно го загрозува здравјето на
граѓаните и главната институција во борбата против ковид-19 и загрозува
илјадници граѓани. Кандидатурата на Насер Зибери за прв премиер Албанец им го замагли видот и умот на политичките опоненти кои не бираат средства за борба против
еден Албанец на чело на институциите и на Владата, и по цена на загрозување на јавното здравје на граѓаните. Овој недоличен, брутален и популистички акт со елементи на етничко влијание и политичка одмазда е порака за сите Албанци, за целата
Албанска дијаспора и сите други граѓани. Ова постапување е неприфатливо бидејќи е мотивирано против семејството на албанскиот кандидат за премиер, затоа казната за овие антиалбански постапки ќе се даде на 15 јули од граѓаните на ова земја – се вели во реакцијата на ДУИ.