Националноста на лицето не може да се менува ниту да се поништи додека државјанството може и да се менува и да се поништи

Националноста и државјанството се термините што често погрешно се толкуваат, а дилемите околу нивното значење особено се присутни деновиве, во пресрет на референдумот за спогодбата со Грција и најавените уставни измени поврзани со многубројни идентитетски прашања.
Во секојдневието, терминот националност по некој востановен автоматизам дури се заменува со терминот државјанство, и обратно. Но во реалноста, разликата меѓу националноста и државјанството е подлабока, посуштинска и не може да се игнорира.

Националноста на едно лице го покажува местото на раѓање, односно коренот, потеклото. Таа ја дефинира припадноста на една личност кон одредена нација. Нацијата има историски заеднички супстрат: семејство, фамилија, традиционални обичајни поврзувања.

Од друга страна, државјанството му се дава на поединецот од страна на владата на државата, кога ќе се исполнат законските формалности. Со него се стекнува статус на граѓанин на одредена држава.

ДЕФИНИЦИЈА ЗА ДРЖАВЈАНСТВО

Државјанството е статус што се стекнува откако лицето ќе се регистрира како припадник на државата според важечкиот закон на таа држава. Секое лице може да стане член (државјанин) на одредената држава откако ќе ги исполни правните барања на дадената држава. Поедноставно кажано, доблеста да се биде граѓанин на државата се нарекува државјанство.
Наследството, бракот, раѓањето и натурализацијата претставуваат начини како едно лице може да стане државјанин на една држава. Секоја држава гарантира одредени законски права и привилегии за своите граѓани и тие имаат обврска да ги почитуваат правилата и прописите утврдени од владата на таа држава.
Кога лицето ќе стане државјанин на таа држава, се стекнува со право на глас, работа, живеалиште, мора да плаќа даноци и да биде активен член на државата. Секое лице е државјанин на државата во кое е родено, но за да стане државјанин на друга држава, мора да поднесе барање за истото тоа.


ДЕФИНИЦИЈА ЗА НАЦИОНАЛНОСТ

Националноста е правен статус што ја претставува државата од која лицето потекнува. Националноста на лицето покажува во која држава е родено и е правен граѓанин. Статусот се стекнува со раѓањето, потеклото, односно врската со своите родители. Врз основа на уставните одредби, секоја држава поставува критериум со кој се одредува кој може да биде национален припадник на државата. Според тоа, на лицето му се гарантираат држава и права. Исто така, на лицето му се гарантира национална заштита од другите нации.
Врз основа на меѓународните спогодби, секоја суверена држава има право да ги утврди своите национални граѓани според законот за националност. Секој има право да влезе или да се врати во државата од која потекнува.


КЛУЧНИ РАЗЛИКИ МЕЃУ НАЦИОНАЛНОСТА И ДРЖАВЈАНСТВОТО

1. Статусот што потекнува од фактот што лицето потекнува од одредена нација се нарекува националност. Државјанството е политички статус што може да се стекне со исполнување на законските барања утврдени од страна на владата на таа држава.
2. Националноста е етнички (или расен) концепт. Од друга страна, државјанството е правен или јуристички концепт.
3. Националноста на едно лице го покажува местото (просторот на етникумот или државата) на раѓање додека државјанството на едно лице покажува дека е регистрирано како граѓанин од страна на владата на одредена држава во границите во кои е признаена.
4. Лицето може да стане национален граѓанин на една држава со раѓање или со наследство (потекло, корени). Наспроти ова, постојат разни начини за стекнување државјанство од одредена држава, односно преку раѓање, наследство, брак, натурализација или регистрација.
5. Националноста на лицето не може да се менува, но неговото државјанство може да се менува.
6. Националноста на едно лице не може да се поништи додека стекнатото државјанство може да се поништи.
7. Лицето не може да биде национален припадник на повеќе држави. За разлика од тоа, лицето може да има државјанство од повеќе држави истовремено.