Триесет години (не)зависност на некогашните југословенски републики
Јасен е и впечатокот дека многу настани и политички случувања, и по распадот на заедничката држава, наведуваат дека судбините на овие земји и понатаму се насочени кон испреплетена иднина. Овој пат таквите тангенционални проекции се идентификуваат и препознаваат во името (и заедничкото членување) во Европската Унија. Рака на срце, разликите произлегуваат од тоа што некои држави-сукцесори од СФРЈ се веќе дел од ЕУ, а другите бараат начин да станат дел од неа. Значи, проектираните траектории на сите држави-сукцесори, сепак, во иднина ќе се сечат во Унијата
Турбулентниот и болен распад на Југославија, а потоа секојдневното справување на државите-сукцесори со предизвиците на „ЕУ-сонуваната и проектирана иднина“, во голема мера придонесе периодот на 30-годишниот постјугословенски период на Балканот да изгледа многу пократок и дека „времето навистина летнало“ со транзицијата. Во оваа 2021 година, три држави од СФРЈ, одбележуваат три децении од прогласувањето на својата независност: Словенија и Хрватска во јуни, а Македонија – на 8 Септември.
Испреплетено минато, испреплетена иднина
Впечатокот што се наметнува на прв поглед, гледано од денешна перспектива, е дека „некогаш братските републики“, по неколку десетлетија заедница, природно си ја разделиле својата заедничка судбина и си граделе и создале своја различна приказна, во последниве три децении… Но дали првиот поглед може да создаде и погрешен впечаток? Во истиот контекст, јасен е и впечатокот дека многу настани и политички случувања, и по распадот на заедничката држава, наведуваат дека судбините на овие земји и понатаму се насочени кон испреплетена иднина. Овој пат таквите тангенционални проекции се идентификуваат и препознаваат во името (и членувањето) во Европската Унија. Рака на срце, разликите произлегуваат од тоа што некои држави-сукцесори од СФРЈ се веќе дел од ЕУ, а другите бараат начин да станат дел од неа. Словенија и Хрватска денес се дел од ЕУ, Србија и Црна Гора се заглавени во процесот на преговори, Македонија – 15 години има кандидатски статус и се бори со серија вета за да започне преговори за членство… Колку државите од поранешна Југославија добија и се снајдоа во својата тридецениска независност?
– Државата ја прави народот. Македонскиот народ сонувал да има независна држава – и еве сега ја има. Таков сон имаа и другите народи од поранешната југословенска федерација и го конкретизираа пред 30 години. Реалноста на таа независност е секојдневен предизвик, но реалноста сами ја создаваме и не треба да бидеме огорчени на неа. Можеме да бидеме незадоволни, но незадоволството е добро кога е мотивација за напредување. Овие триесетина години независност се, на некој начин, пребродување на породилните маки. Но освојувањето на македонската независност сепак се случува во едно поинакви историски услови, кога светот е организиран, функционираат Обединетите нации. Колку и да се големи денешните предизвици на македонската независност, добро е да се знае дека порано добивањето и градењето независност на државите (па и на примерот на соседните држави) било многу пожестоко и покрваво. Колку и да доаѓаат мигови на сомневање, треба да се знае – витална е македонската држава и ќе продолжи да се развива и напредува – уверен е Стојан Андов, првиот претседател на Собранието на Македонија од нејзината независност.
Совпаѓања и разлики во економскиот развој
на Поранешните југословенски републики
На почетокот на 80-тите години од 20 век, Југославија беше држава со убедливо најголема вредност на БДП меѓу балканските земји. Според податоците на Светска банка, бившата СФРЈ тогаш имала стопанство вредно повеќе од 70 милијарди долари (70,143). Следна од Балканот била Грција, со нешто помалку од 57 милијарди, па Романија со 46 милијарди долари БДП. Далеку зад нив, на четврто место се наоѓала Бугарија, со 18,84 милијарди долари. Веќе во 1987 година, Грција ја достигна, а потоа и ја престигна Југославија според вредноста на БДП, за во 1989 година на тргне стрмоглавиот пад на стопанството на СФРЈ. Веќе во 1990 година, на листата се појавува првата бивша југословенска република – Словенија, со вредност на БДП од 17 милијарди долари, на четврто место.
Освен Грција, сите преостанати балкански стопанства во наредниот период главно стагнирале, а Романија се издвоила на второто место, значително пред Бугарија, Албанија и државите создадени од распадот на СФРЈ. Од 2016 година, Романија е на првото место според вредноста на БДП меѓу балканските држави.
Кога ќе се погледнат различни статистички податоци за стопанската развиеност на некогашните југословенски републики, можат да се видат некои совпаѓања со денешната состојба, но и некои важни разлики.
Словенија беше најразвиениот дел на Југославија, а и денес е најразвиената држава создадена од распадот на бивша Југославија. Косово секогаш било најслабо развиено, а БиХ и Македонија каскаа зад поразвиените. Во однос на просечното БДП на цела Југославија, забележлива е голема дивергенција меѓу релативно богатите републики Словенија, Хрватска и автономната покраина Војводина, наспроти сѐ поголемото назадување на БиХ, Црна Гора, Македонија и Косово. Потесната Србија (без Косово и Војводина) страгнирала од 1952 до 1989 г., во однос на просечното БДП по жител на ниво на цела Југославија. Јасно е дека и покрај централното планирање, развојот на Југославија бил неизедначен и сѐ поподелен на релативно успешни републики (во рамките на Југославија): Словенија, Хрватска и автономната покраина Војводина, наспроти неуспешните републики БиХ, Македонија и а.п. Косово. Потесна Србија се одржувала околу просекот, иако и таа полека заостанувала зад Хрватска и Словенија. Неизедначениот развој беше проблем за државната власт, која сакаше да создаде слика дека подеднакво се грижи за сите делови на Југославија. Во прашање беше доведена и стабилноста на самата држава, зашто големите разлики во развојот во мултинационална држава многу лесно можат да бидат искра што ќе запали други општествени проблеми. За да се спречи тоа, создаден е фонд за помош на неразвиените републики, во кој уплатуваа сите републики, но нето-приматели биле БиХ, Косово, Македонија и Црна Гора, додека Словенија, Хрватска, Србија и Војводина беа нето-уплатувачи.
Но ни таквото решение не било задоволувачко, барем за оние републики што биле нето-уплатувачи во фондот, па републичките разграноци на партијата од Хрватска и Словенија приговараа на централата дека нивните републики премногу издвојуваат за помош на неразвиените. Подолг период Словенија била најголем уплатувач во фондот во однос на бројноста на нејзиното население и тоа создавало незадоволство во разграноците на Комунистичката партија на Словенија. Особен проблем создавал фактот што Хрватска уплатува повеќе од потесна Србија (во подолг период), иако имала многу помал број население, а не многу поголем степен на стопански развој. Тоа создавало тензии на релацијата Загреб – Белград, особено за време на кризата од осумдесеттите години. Иако наменетите средства растеле од година на година, сепак Косово, Македонија, БиХ и Црна Гора сѐ повеќе заостанувале, што продолжи и по распадот на Југославија. Распадот на СФРЈ само го интензивираше веќе започнатиот процес на стопанска дивергенција меѓу републиките на бивша Југославија.
Моментално просечната плата во Словенија изнесува околу 1.100 евра, во Хрватска – 866 евра, во Црна Гора – 511 евра, БиХ – 450 евра, Србија – 424 евра, Македонија 399 евра и Косово – 374 евра. Таа разлика е поголема отколку во Југославија, но не е некаков нов тренд, туку продолжување на економското оддалечување на Хрватска и Словенија од остатокот на поранешна Југославија.
Спецификите на македонската транзиција
Сите држави произлезени од бивша Југославија во новото социоекономско уредување влегоа со товарот на старите проблеми од СФРЈ и сите неискрено влегоа во процес на транзиција од планска во пазарна економија. И денес постојат голем број остатоци од Југославија во политичкиот и економскиот живот, како и сили што го фетишизираат системот на распаднатата држава. Тоа не се огледа само во институционалното уредување, туку можеби уште повеќе во општиот општествен менталитет, кој останал ист, а само „југословенскиот“ предзнак се променил во национален. „Навиките“ од социјализмот за државен интервенционизам во економијата за „купување“ општествен мир (социјален, етнички…) се забележуваат речиси во сите држави произлезени од бившата СФРЈ. Примери за тоа се: од давањето 30 милијарди куни (околу четири милијарди евра) за „спас“ на бродоградилиштата во Хрватска, преку институциите како „Федерален завод за програмирање на развојот“ во БиХ, до феноменот на „рамковно вработување“ во Македонија, каде што политички-институционално е легитимирано вработување во администрацијата по етничка основа, со опција да не се оди на работа, а десетина години да се добива плата. Без остар прекин со таквите општествени, правни, политички и економски практики, сите држави произлезени од Југославија ќе продолжат да заостануваат зад државите во опкружувањето.
– Покрај сите специфични разлики во премрежињата и предизвиците на независноста за сите држави што излегоа од поранешната југословенска федерација, заедничко е тоа што сите минаа низ процесот на транзиција од систем на социјалистичка економија во пазарен капитализам. Во Македонија можеби беше најизразено тоа што луѓето што беа предводници на тој социјалистички систем, брзо се трансформираа според новата пазарна идеологија и успеаја во првите пет-шест години од независноста да приватизираат 95 отсто од општествениот капитал. Таквата неверојатна брзина на трансформација на капиталот предизвика големи социјални трауми поради затворање и губење на работните места и создаде сомнеж во општеството (присутен и денес) дека новоприфатениот систем навистина ќе донесе подобар живот, напредок и прогрес. Политичкиот развој на Македонија, пак, во последниве години, предизвикан од отстапките во билатералните договори за забрзување на евроинтеграциите, успеа да ги стави во неизвесност и суверенитетот и вербата за управување на народот со својата судбина, стекнати со независноста. Македонија во мигов е во општествена фаза на хибридна демократија, во која владее голема недоверба во институциите, привид за одржување слободни избори, а речиси и нема некаква суштински различна политичка понуда – оценува универзитетскиот професор по социологија Илија Ацески, кој во текот на 30-те години независност на Македонија ги има истражувано социолошките аспекти на развојот на македонската држава.