Фото: Маја Јаневска-Илиева

КОРОНАВИРУСОТ И ПРОТОКОЛИТЕ ЗА ДИСТАНЦА ДА НЕ НИ ЈА ПРЕКИНАТ ТРАДИЦИЈАТА НА ПИШУВАЊЕ НОВОГОДИШНИ ХАРТИЕНИ ЧЕСТИТКИ

Пишувањето новогодишни честитки е столетна традиција. А добивањето таква честитка буди посебни, најубави чувства. Подготовката за праќање хартиени честитки е посебен и возвишен ритуал, а таквата енергија му се пренесува и на примачот на честитката. Насловната страна на честитката посебно се избира според карактерот на примачот, содржината исто така, а ракописот дава посебно чувство на блискост и љубов. Барањето картички на тезгата и времето поминато во избирање, всушност е време поминато во мислите со лицата на кои сакаме да им ги честитаме празниците со најубави желби. Пишувањето или барањето на нивната точна адреса на живеење уште повеќе ја отфрла отуѓеноста меѓу нас луѓето за време на коронавирусот. А замислете ги желбите при уфрлање на честитките во жолтото поштенско сандаче, најубав времеплов. Токму честитката нека биде обид наместо само преку мобилните телефони, времето да го поминеме креативно и исполнето заедно со најблиските, но и да обновиме една убава традиција…

За разлика од минатите години, оваа година, во рамките на кампањата на „Македонски пошти“ за испраќање новогодишни честитки се приклучија голем број граѓани, но и институции, градоначалници и други јавни лица. Целта беше сите да се потсетиме на едни поубави времиња кога ни пристигнуваа рачно напишани честитки донесени од поштарите, наместо обичен мејл во кој е содржана електронската честитка.

На официјалната фејсбук-страница на „Македонски пошти“ постојано се промовира акцијата, а бројката на лица што ја поддржуваат оваа акција е голема.
– Ајде годинава сите да напишеме честитка на рака или да испратиме скромен подарок на адресата на нашите сакани. Токму честитката нека биде обид наместо само преку мобилните телефони, времето да го поминеме креативно и исполнето заедно со најблиските, но и да обновиме една убава традиција – се вели на страницата на претпријатието.

Со оглед на тоа што владее смртоносен вирус поради кој не можеме да се видиме со своите блиски или празниците да ги прославиме заедно, бидејќи, според препораките, треба да се изолираме за да се спречи ширењето на вирусот, оваа кампања добро им дојде на граѓаните, а особено на постарите генерации, кои своето детство го паметат токму по пишувањето, испраќањето и примањето новогодишни честитки.

– Тоа беше едно убаво време. Со мајка ми седнувавме на маса со триесетина, па и повеќе честитки и заедно со сестра ми ги пишувавме. Цртавме срциња, елки и ѕвезди, а честитките за среќни празници беа составен дел од честитките. Годинава поради целата ситуација нема да можам да се видам со најблиските, но можам да испратам честитка како во моето детство – вели Верица Димовска.

Дека честитките се посебна радост сведочат и помладите родители со мали деца. Велат дека преубаво е чувството кога децата се радуваат кога ќе добијат честитка.
– Токму пред некој ден поштарот ни донесе неколку честитки. Син ми беше пресреќен. Ги стави на елката и секојдневно им се радува. Преубаво е чувството, исто како да добил подарок. Доби честитки од другарчињата, од роднините и навистина беше многу радосен – вели Ирина Николовска.

Кон оваа кампања на „Македонски пошти“ се приклучија и голем број градоначалници, и тоа не само од Скопје туку и од целата земја. Поддржувачи се и јавни естрадни ликови, глумци, но и министри во Владата.

[email protected]