Министерот за здравство, Венко Филипче, заедно со директорот на Клиниката за пулмологија и алергологија, Дејан Докиќ, денеска го пуштија во употреба новиот модуларен амбулантско-поликлинички оддел, лоциран во непосредна близина на зградата на интерните клиники.
– Во овие нови амбуланти се сместени сите потребни инструменти и апарати за да се примат, прегледаат и брзо дијагностицираат сите пациенти коишто имаат проблеми со белите дробови, а доаѓаат и бараат услуга од клиниката за пулмологија којашто е врвна и единствена терциерна установа во нашата земја од таа област. Со ова, постигнуваме неколку работи: сите пациенти коишто имаат проблеми со белите дробови ги одделуваме од сите други пациенти во останати амбуланти, а досега беа тие сите на едно место и со тоа го намалуваме ризикот од трансфер на коронавирусот на пациентите коишто доаѓаат овде во Клиничкиот центар за некаква друга симптоматологија – изјави Филипче.
Истовремено, додаде тој, се ослободува простор на местото кадешто досега беа овие амбуланти и дополнително ќе се доделат на клиниките за гастроентерохепатологија и нефрологија, за да се обезбеди повеќе физички простор за време на чекањето, а секако со тоа и дополнителна апаратура којашто таму ќе се смести.
Во новиот објект се наоѓаат засебни чекални и простории за администрирање, приоритетна амбуланта за прием на интервентни пациенти, амбуланти и кабинети за спирометрија, за дифузија и бодиплетизмографија, за бронхијална провокација, за гасни анализи во крвта, за алерголошки тестирања и за ЕКГ, како и две простории – дневни болници за сместување на амбулантските пациенти. Сето ова е придружено со сите потребни помошни простории, тоалети и гардеробери за персонал, засебни тоалети за пациенти, чекални, административни соби, стерилни остави, сервер соба и слично.
Директорот на Клиниката за пулмологија и алергологија, д-р Дејан Докиќ посочи дека во новите амбуланти, за разлика од старите, во посебни простории ќе се изведуваат различни дијагностички и амбулантски процедури, што создава можности за помала концентрација на пациенти на едно место и запазување на мерките и протоколите, кои го спречуваат ширењето на вирусот.
Објектот е лесно пристапен со моторни возила преку крак од улиците на комплексот на клиничкиот центар, има директен пристап и обезбедени паркинг места за возилата на итната медицинска помош.