Од спомените на Христо Татарчев, доктор психијатар,
публицист и револуционер
Во еден дел од своите спомени, Татарчев ги опишува карактерите на своите соборци со детали што се избегнуваат или не наоѓаат соодветно место во нивните биографии. Татарчевите согледувања се лични, искрено кажани, но ненавредливи. Составот на основачите и на оние истакнати личности што се приклучија, тој го посматра како конгломерат од контрасти – по географската припадност на нивните родни места, според темпераментот, наклоностите, знаењата, разбирањата и однесувањето. Според тврдењето на Татарчев, токму тие разлики ја раѓале силата на единството и разбирањето за градење на големата револуционерна идеја за ослободување на Македонија
Како што е познато, на 23 октомври 1893 година во Солун е формирана Македонската револуционерна организација. Нејзини основачи се доктор Христо Татарчев од Ресен, Даме Груев, учител од селото Смилево, Битолско, Петар Поп Арсов, учител од Богомила, Велешко, Иван Хаџи Николов, книжар и трговец од Кукуш, Антон Димитров, учител од селото Ајватово, Солунско, и Христо Батанџиев, учител од селото Гуменџе, Ениџе Вардарско. Кратко време потоа се приклучија Пере Тошев од Прилеп, Гоце Делчев од Кукуш, Ѓорче Петров од Прилеп, Христо Матов од Струга и други.
Христо Татарчев, за кого се смета дека е првиот претседател на Организацијата, беше доктор психијaтар и револуционер, но и извонредно надарен и вреден публицист. Напишал неколку дела еднакво важни за македонската и за бугарската историја во периодот од основањето на ВМРО, па до крајот на Првата светска војна, како и подоцнежни стотина статии објавувани во бугарски и странски весници и списанија до почетокот на Втората светска војна во 1940 година. Во оставината се најдени голем број спомени, зачувани говори, документи, кратки белешки, писма, поздрави, благодарници и други обраќања од приватна содржина.
Во еден дел од своите спомени, Татарчев ги опишува карактерите на своите соборци со детали што се избегнуваат или не наоѓаат соодветно место во нивните биографии. Татарчевите согледувања се лични, искрено кажани, но ненавредливи. Составот на основачите на организација и на оние истакнати личности што се приклучија кон неа, тој го посматра како конгломерат од контрасти – по географската припадност на нивните родни места, според темпераментот, наклоностите, знаењата, разбирањата и однесувањето. Според тврдењето на Татарчев, токму тие разлики ја раѓале силата на единството и разбирањето за градење на големата револуционерна идеја за ослободување на Македонија.
Од Даме до Димитров – кој каков бил?
Според оцените на Татарчев, Даме Груев бил еластичен во погледите, прониклив и практичен ум, помалку теоретичар, повеќе активен на дело. Имал посебен и многу успешен метод во пропагирањето на ослободителната кауза. Разговорите со луѓето ги започнувал со наведување обични, човечки нешта. Потајно имал извесно сомневање кон секој соговорник, сомневање што го прикривал со користење иронија во разговорот и блага насмевка на лицето. Како ретко кој умеел да влијае врз народот, да ги најде вистинските убедливи зборови, способности што од него направија вистински организатор и револуционерен апостол.
Гоце Делчев имал од бога дадена, беспримерно голема добра душа, бил со неисцрпна енергија и нескршлива волја. Бил спој на идеализам и акција, карактеристики што го воздигнаа во вистински култ на Македонија. Неговата моќ и сила се покажувале токму во оние моменти кога се заканувале опасности, кога почнувала да владее загроза по делото и за единството. Поседувал лична самоувереност и ретка смелост, бил омилен меѓу народните маси, кои во него гледаа инструмент за остварување на идеалите за ослободување. Гоце беше нивни идол што го обожаваа.
Пере Тошев бил мистичен мечтател. Неговиот дух често подлегнувал на депресии што предизвикувало да биде затворен во себеси. Но неговите смели индивидуални подвизи или анархистички потфати кај него самиот предизвикувале посебна радост и восхит, понекогаш доведувани до екстаза. Крајниот индивидуализам што му бил својствен, му бил пречка за широка активност меѓу луѓето. Нихилистичките погледи кон многу нешта и хроничната болест имале големо влијание врз неговото расположение и особено врз неговиот светоглед.
Христо Матов бил чуден сколастички ум, со знаења откинати од животот, но се карактеризирал и со „бесплодно умување“. Во неговите ставови доминирале тезите и антитезите, како контрастите во драмите на Шекспир. Колку што во одредени моменти бил тврд и стегнат во објаснувањата на нештата, во толкава мера бил компромисен во практика. На освојувањето на слободата гледал како на степенеста еволуција. Неговиот став бил дека неуспесите на ослободителните акции не треба да ги резигнираат дејците, туку, напротив, тие да бидат нов мотив за нови акции.
Ѓорче Петров се карактеризирал со силен, пробивен и дедуктивен ум, знаел на соодветен начин да ги објаснува контрастите и неуспесите. Неговото строго држење до принципите, рамно на догматизам, го одделувало од реалностите во животот, причина речиси секогаш да бил криво толкуван и сфаќан во средината каде што работел и дејствувал. Општеството на него и на неговата дејност гледало како на мистериозна појава, како дело на демонски гениј. Кога се обидувал да се приспособи на реалните состојби, останувал разочаран од резултатите. Ѓорчев често бил во судир со бугарските власти, но и покрај тој „трагизам“ меѓу него и бугарското општество, Ѓорче Петров останува како една од бележитите фигури во ослободителната македонска историја, напишал Татарчев.
Петар Поп Арсов од Богомила, бил солиден и позитивен ум, со голема сила, но трома волја. Тој меѓу револуционерите се однесувал повеќе како академик отколку како работник. Иван Хаџиниколов бил строг формалист, во сѐ барал педантерија, еднакво строг како кон себе така и кон другите. Имал вистински усет за процени на ситуацијата и секогаш бил прецизен во искажувањата, доследен на она што го рекол и коректен кон сите што учествувале во делото. Оцените на Татарчев за Христо Батанџиев се дека тој бил тивок човек, но со итар и практичен ум, врз неговите постапки влијаел и фактот што бил секретар на солунската црковна општина. За Андон Димитров пишува дека бил тврд карактер, фанатик во своите убедувања, ревносен и многу совесен. Неговата важна улога во организацијата се препознавала и по тоа што тој ги познавал основното турско право и турскиот јазик што му овозможувало да биде добро информиран и да презема соодветни постапки кога било потребно.
Несогласување со бугарските влијанија
Она што посебно го соопштува Татарчев е фактот што и покрај разногласниот колорит во мислењата и дисонантност во ставовите, основачите функционирале како едно тело по дух, разбирање и акција, единствена организација што забрзано ја развивала револуционерната дејност. Меѓу нив владееле искрено другарство и преданост кон борбата за слобода на Македонија. Немало меѓусебен натпревар за тоа кој каква функција ќе има, не се покажувала отворена суета. Верата во нивното право и заедничко убедување им ја пренесуваа на сите оние што почнаа да ги приклучуваат кон организацијата. Народот им верувал. Но постигнатото единство, другарство и големата слога траеле кратко. Разидувањата, несогласувањата и пресметките се јавуваат неколку месеци пред Илинденското востание, кога дел од основачите застануваат на спротивставени страни околу датумот на неговото кревање, по сѐ поголемото мешање на бугарската власт во македонското револуционерно дело. Раздорот добил интензитет по убиството на Делчев во мај 1903 г., а Гоце бил алката што ги поврзувала и во најкритичните моменти.
Христо Татарчев ги опишува и последните месеци од животот на Делчев. На почетокот на јануари во домот на Татарчев на гости, на вечера, му биле Делчев, Пере Тошев и Христо Матов, при што во долги разговори останале до утрината. Главната дискусија се водела околу кревањето на востанието, за кое веќе на Солунскиот конгрес била донесена одлука да се крене. Делчев и Ѓорче Петров биле против, сметале дека не е време и дека би било преурането. Матов и Татарчев биле за. Како и да е, освен тоа што Гоце го изразувал незадоволството од избрзаното и безмалку насилно донесено решение, му бил мошне лут на генералот Иван Цончев, претседател на Врховниот комитет, кој премногу се мешал во работаат на организацијата и во револуционерното дело од позиции на бугарската власт. Гоце на вечерата ги искажал сета своја горчина и растревоженост, но сепак со длабока вера, својствена на неговата природа дека ќе бидат совладани сите тешки проблеми и ќе бидат извршени поставените задачи.
Смртта на Гоце – голема загуба за делото
Откако Гоце поминал поголем дел од Македонија, во Кукушко и во Драмско да го види расположението, во март 1903 г. во Солун се сретнал со Даме Груев, кој тогаш добивајќи амнестија излегол од робија од Подрум Кале. Гоце и Даме биле на две различни страни, Груев бил на страната на оние што го поддржале востанието и тоа да се случи што поскоро. Според сведочењата што ги слушал од други, Татарчев тврди дека низ еден другарски разговор ги разјасниле односите и братски се разделиле посакувајќи си успех во сите акции што ќе се преземаат.
Татарчев пишува дека неочекуваната смрт на Делчев во Баница, кога е убиен од турскиот аскер, внесе смут во редовите на борците и ги измести сите планови што беа испланирани, особено во Серскиот округ. Речиси сите борци во Гоце гледаа надеж дека ќе застане на чело на револуционерното дело, дека дотогаш покажаната храброст и умност и омиленоста меѓу народот заслужено ќе му го донесат тоа место. Веста за смртта на големиот син и војвода, великиот апостол и борец на Македонија, се разнесе по села и планини и го зави народот во тежок траур, а од Гоце направи легенда, пишува Христо Татарчев, првиот претседател на ВМРО.