Проф. д-р Михаил Гаревски

По повод актуелната сеизмолошка состојба на Балканот

Низата земјотреси забележани изминатава недела во Албанија и во Србија, од кои дел беа почувствувани и во Македонија, предизвикаа вознемиреност во регионот. Беа регистрирани потреси во околината на Тирана и во близина на албанско-македонската граница, како и во српските градови Крушевац, Младеновац и во Крагуевац. Згора, одредени медиуми од соседството со сензационалистички наслови внесоа дополнителна загриженост. Сеизмологот Михаил Гаревски посочува дека, сепак, нема место за паника. Тој очекува потполно смирување на тлото во наредните денови, истакнувајќи дека жителите од регионот за подолг период ќе ги заборават земјотресите.

– Од пред една недела отпочна серија на слаби земјотреси во регионот, поточно со потресот со магнитуда 4,7 со епицентар на 18 километри од Дебар, кој е познато епицентално подрачје, каде што во 1967 година се случи силен земјотрес од 6,5 степени. Во последните два дена се случиваат земјотреси во Албанија, во околината на Драч (магнитуда 3,4 степени според Рихтеровата скала – н.з.), во Крагуевац (М 3,9) како и земјотрес во близина на Загреб (М 2,9). Сите овие земјотреси не преставуваат никаква опасност за населението. За жал тие предизвикуваат вознемирување бидејќи можат да се почувстуваат, иако со многу слаба енергија. Општо познато е дека и најслабите удари предизвикуваат многу непријатно чувство кај луѓето. Земјотресите со вака мала магнитуда се многу кратки, траат неколку секунди и не смеат да предизвикаат никаква материјална штета, дури и на објектите кои не се проектирани да бидат отпорни на сеизмичките сили. Од моето долгогодишно искуство би можел да кажам со голема сигурност дека поради малата јачина на земјотресите, доколку има афтершокови, тие ќе бидат во многу мал број и нема да има никаква редистрибуција на напрегањата на тлото, која би предизвикала други посилни земјотреси на други локации. Очекувам во наредните денови потполно смирување на тлото и дека жителите од овој регион за подолг период ќе ги заборават земјотресите – смета професор д-р Гаревски, кој е поранешен претседател на Европската асоцијација по земјотресно инженерство (ЕААЕ) што обединува 34 европски национални асоцијации.

Медитеранот и Балканскиот Полуостров се сеизмички активни подрачја, но потресите се слаби и најчесто се регистрираат само со инструменти, според Гаревски.

– Како што многу пати сум повторил Mедитеранот и целиот Балкански Полуостров се сеизмички активни подрачја каде што земјата скоро секојдневно се тресе, но овие потреси луѓето најчесто не ги чувствуваат бидејќи се cлаби и можат само да се регистрираат со инструменти. Причина за скоро секојдневната појава на овие земјотреси е колизијата меѓу eвро-aзиската плоча и aфриканската плоча. Евро-азиската плоча се подвлекува под африканската. Тие на годишно ниво една према друга се приближуваат за околу два сантиметра. Токму поради овој факт може да се каже дека Грција и Италија се сеизмички најактивни во овој регион, а и пошироко т.е. во цела Европа. Веднаш по нив како сеизмички активни региони се вбројуваат Албанија, Црна Гора и Хрватска. За земјотресите во овие три држави, највеќе виновна е Јадранската микроплоча која се подвлекува под Динаридите – објаснува Гаревски.

Тој се осврна и на начинот на известување на дел од медиумите кои знаат ситуацијата да ја направат подраматична, наместо да го смируваат населението.

– Кај нас, а уште повеќе во земјите каде што земјотресите не се толку чести, како што е Србија, медиумите наместо да го смират населението знаат да ја направат ситуацијата подраматична и многупати да дадат нелогични заклучоци. Така на пример, кај нас многу често земјотресите се поврзуваат со поплавите, а тие немаат никаква корелација. Тоа се прави бидејќи во 1962 година имавме поплава во Скопје, а следната година земјотрес. Вчера во медиумите во Србија, со уште помала логика се спомнува земјотресот од пред 11 години кој се случи во Краљево, како и дека можеби ќе се случи слично сценарио, бидејќи вчерашниот земјотрес бил во ист временски период со тој од пред 11 години. Друго предвидување кое се објавува во српските весници е дека може да се очекува силен земјотрес да се случи наскоро во регионот на Шумадија, т.е. во наредните десет години. Можам да кажам дека овие искази се неосновани бидејќи не можат да се изнесат никакви аргументирани факти за овие тврдења – нагласува Гаревски.

Експертот по сеизмологија е категоричен дека земјотресите не можат да се предвидат поради нивниот сложен механизам.

– Земјотресите никогаш точно нема да можат да се предвидат. Локациски ние знаеме каде тие можат да се случат, за одредени временски периоди од 500, 1.000 или 2.500 години. И на конкретна локација со одредена веројатност можеме да ја претпоставиме нивната максимална магнитуда. Точното време кога и каде ќе се случат земјотреси никој досега не го предвидел, бидејќи нивниот механизам е исклучително сложен.
Во почетокот на 60-те години, постоеше голем ентузијазам во Америка, Јапонија, Русија и во Кина, и мислеа дека ќе го решат овој проблем. Подоцна, со исклучок на Кина, се потполно се изгуби интересот за предвидување на земјотресите. Денеска доктрината е да се истражува во областа на земјотесното инженерство за да можат да се градат сеизмички отпорни градби – заклучува Гаревски.


Евакуацијата на Хајченг е единствено „предвидување“

Во светот, познато е едно единствено „предвидување” на земјотрес. Тоа е земјотресот со јачина од 1975 година кој се случи во кинески Хајченг. Познато е дека градоначалникот наредил евакуација на градот пред да се случи земјотресот. Во научната литература воопшто не е спомнато кои биле индикаторите за предвидувањата. Се спомнува дека одлуката е донесена поради тоа што е забележано дека неколку месеци пред земјотресот нивото на подземната вода се менувало и дека животните чудно се однесувале. Меѓутоа многу е несериозно врз основа на вакви параметри да се донесе одлука за евекуација на цел град, истакнува Гаревски.

Се смета дека форшоковите придонеле за одлуката на градоначалникот за евакуација на градот.

– Во некој извори се наведува дека постоела зголемена сеизмичност во регионот и дека имало голем број на силни форшокови кои довеле дури и до оштетувања не објекти во градот. Се мисли, а тое е и мое мислење дека форшоковите го натерале градоначалникот да го евакуира градот. За несреќа на градот, но за негова „среќа” одлуката за евакуација била исправна. За жал земјотресот со магнитуда 7,6 кој се случил во градот Танкшан една година доцна не можел да биде предвиден, и овој земјотрес однел 250 илјади жртви – додава Гаревски.