На Бугарската национална телевизија (БНТ) деновиве беше нападнат покојниот македонски историчар Бранко Панов, кој со својата научна работа има урнато безброј антимакедонски тези од бугарска страна. За ваквата бугарска пропаганда врз неговиот покоен татко, остра реакција имаше историчарот Митко Б. Панов, која ја пренесуваме во целост:
– Христо Матанов, историчар и редовен професор на Софискиот Универзитет, во емисијата на Бугарската национална телевизија (БНТ) „Денот започнува“ oд 4.03.2021 г. дава крајно запрепастувачка изјава за неговиот починат македонски колега, професорот Бранко Панов, говорејќи за авторството на македонските учебници по историја.
Во приложеното видео од емисијата (5m:38s – 5m51s) Христо Матанов вели: „…Бранко Панов. Тој е гласник на македонизмот, фала му на Бога веќе е во задгробниот живот. Но, неговите наследници се живи, така да се каже“!
Христо Матанов јавно на национална телевизија му се заблагодарува на Бога за смртта на македонскиот професор Бранко Панов – само затоа што тој пишувал македонска историја, бил автор на македонски учебници и имал различни историографски ставови од неговите!!!
Да, наследниците се живи, и како син на професорот Бранко Панов, категорично барам јавно извинување од Христо Матанов за изречените зборови, кои во најмала рака се нехумани и со кои безобзирно се погазуваат принципите на академската етика, педагошкиот морал и професионалната чесност. Начинот на кој тоа Христо Матанов го прави, проследено со недолична гестикулација, само дава дополнителна тежина на неговата тенденција за дисквалификација. Тоа, во крајна линија говори за него самиот и за неговата личност!
Изречените зборови од Христо Матанов, покрај нанесувањето на штета на угледот на професорот Бранко Панов и неговото семејство, го поставуваат и прашањето за ширењето на говорот на омраза. Дали македонските историчари како гласници на македонизмот треба да починат, за да бугарските историчари како Матанов ги задоволат посакуваните цели за ставањето крај на македонизмот, преку демакедонизацијата на македонската историографија – а што треба да резултира со бугаризација на македонската историја и на македонскиот народ?! И тоа со конструкти и методи од 19 век, поткрепени со политички притисоци, условувања и пропаганди!
Но, сѐ додека постојат Македонци кои ќе го бранат македонизмот, ќе има македонска историја, ќе опстојува македонскиот народ и македонската држава!
Да, наследниците се живи, Христо Матанов! Исто како и Македонците! – пишува проф. д-р Митко Б. Панов од Институтот за национална историја.