Од оваа недела, после неколкумесечна пауза повторно е во функција електронскиот дневник. Министерството за образование и наука на тендер ја избра фирмата „Сорсикс“ која ќе се грижи тој да биде во функција.
Нејасно засега останува дали наставниците и професорите ќе треба во електронска верзија да ги внесат сите податоци на учениците од почетокот на учебната година па се` досега. Некои од нив веќе реагираат дека не е во ред да се бара од нив административна работа во толкав обем.
– Mислам дека попаметно е да не го трошиме времето на административни обврски со пополнување податоци кои веќе и онака ги има во пишаните обични дневници. Наместо тоа подобро е да се посветиме на практичната работа, на квалитетот на часовите – вели наставничка во скопско основно училиште.
Електронскиот дневник не е во функција од април минатата година. Како новина во образовниот систем беше воведен пред осум години, а има за цел да ги инфомира родителите преку смс пораки за поведението и успехот на нивните деца на училиште.
Системот во минатото често знаеше да биде оптоварен и да не функционира како што треба, особено во периодот пред крај на полугодие или на учебна година во јуни, кога сите наставници во исто време се обидуваа да внесуваат податоци во него.
А.П.