Фото: Дарко Андоновски

Граѓаните да избегнуваат престој на отворено сонце, но и во климатизирани простории, со голема температурна разлика. Кога управуваат со возилата, возачите да бидат поконцентрирани и да внимаваат додека возат, препорачува Лепосава Бошковска, докторка во Итната медицинска помош во Скопје

Главоболки, несвестици, вртоглавици, несоница, општа премаленост се само дел од симптомите на кои се жалат граѓаните како последица на променливото време.
Изминатиот период беше карактеристичен со високи температури претпладне, а интензивни но краткотрајни врнежи попладне, кои ја зголемуваат влажноста на воздухот, а таквите промени негативно влијаат кај хронично болните, постарите, срцево болните, бремените жени, но и кај другите граѓани што немаат здравствени проблеми. И граѓаните со здравствени проблеми, но и оние без здравствени проблеми велат дека тешко го поднесуваат променливото време, кое на здравјето најмногу се манифестира со главоболки, општа премаленост и недостиг од енергија.
Како последица на тешкото и спарно време, зголемени интервенции имаат од брзата помош.

– Генерално има зголемен број интервенции. Променливото време им носи тешкотии на пациентите со хронични болести, пациентите со психички болести што чувствуваат вознемиреност, постарите лица, па и другите. Имаме зголемен број мозочни удари, но и сообраќајни незгоди, кои се случуваат како последица на губење концентрација поради високите температури – вели Лепосава Бошковска, докторка во Итната медицинска помош во Скопје.

Докторката препорачува да се пие вода, за да се рехидрира организмот, бидејќи без доволно вода, лесно доаѓа до згрутчување на крвта, која, пак, може да предизвика мозочен или срцев удар, но и дехидрирање.

– Граѓаните да избегнуваат престој на отворено сонце, но и во климатизирани простории, со голема температурна разлика. Кога управуваат со возилата, возачите да бидат поконцентрирани и да внимаваат додека возат – препорачува Бошковска.
Зголемен е и бројот на пациенти што побарале здравствен совет на „Ало, докторе“. Оттаму велат дека пациентите најмногу се жалат на промени во расположението, варијации во крвниот притисок и вртоглавици.

– Имаме зголемен број јавувања. Граѓаните се жалат на главоболки, променливо расположение, премаленост, нервоза… – велат од „Ало, докторе“. И од аптеките велат дека е зголемена побарувачката на аналгетици што се пијат за главоболки.
– Изминатиот период најмногу се продаваат аналгетици, веројатно како последица на променливото време – информира вработена во аптека.


Стабилизација од викендов

Од Управата за хидрометеоролошки работи велат дека нестабилното време ќе се задржи до сабота, по што ќе следува период на стабилизација.
– До сабота ќе се задржи променливо време, карактеристично со поројни врнежи и грмежи. В петок повеќе врнежи се очекуваат во западните и јужните делови од земјата, иако не значи дека нема да ги има на целата територија од државава. Од сабота настапува стабилизирање на времето, кое ќе се задржи до средината на август. Август ќе биде со потпросечни температури, со натпросечни врнежи од дожд – информираат од УХМР.