Деновиве чувар ангажиран од концесионерот на езерото, придружуван од странски државјанин, дошол во судир со месното население во Радожда, кое обвинува за организиран криминал што се прави со езерото и рибниот фонд
Сериозен инцидент спречила полицијата деновиве во струшко Радожда, откако чувар ангажиран од концесионерот на Охридско Езеро, придружуван од албански државјанин, се обидел да одземе мрежа од неколку деца што биле затекнати во езерото.
Жителите на Радожда се револтирани и велат дека чуварот намерно дошол во Радожда да одземе само една мрежа, иако во преостанатиот дел на езерото се фрлаат и по 1.000 мрежи.
Револтот дополнително го предизвикал и жител на Поградец во Албанија, кој почнал вербална препирка со децата, по што малку недостигало да ескалира ситуацијата, откако се собрало и локалното население и се спротивставило на чуварот и на албанскиот државјанин.
– Среќна околност е што човекот од Поградец избега, бидејќи не знаеме што ќе се случеше. Срамота е ова што го дозволува државата. Со чуварот никој не смее да биде во кајче, а не, пак, државјанин на соседна земја. Сега има забрана за лов во езерото, а чуварот намерно е испратен тука да запленува една мрежа од деца, додека се фрлаат еден куп мрежи во Калишта и во Струга и рибата се носи кај концесионерот, кој подоцна ја продава и ја служи во својот ресторан. Не велам дека децата не згрешиле, но една фрлена мрежа е ништо во споредба со целокупниот криминал што се прави со езерото – вели рибар од Радожда.
Тој додава дека ситуацијата во Радожда е тензична и дека тие нема да дозволат во нивниот дел да се врши вештачки мрест.
– Нема да дозволиме вештачки мрест во Радожда. Мрестот е чисто перење пари и е убиствен за рибата. Државата дава 100 илјади евра за вештачкиот мрест, концесионерот ќе им подели дневници на луѓето од Хидробиолошкиот завод во Охрид за пет дена, а преостанатите пари ќе си ги стави во џеб. Мрестот е погубен за рибата, половина од тие риби умираат и никого не го интересира тоа – вели рибарот што се обрати до редакцијата на „Нова Македонија“.
Според него, повеќе никој не го штити езерото, а за заканите што им биле упатени од луѓе блиски до потконцесионерот и концесионерот ја информирале и полицијата.
– Се слушнавме и со министерот и ни рече дека е запознаен со ситуацијата. Ако при вакви докази за криминал не постапи, треба да поднесе оставка. Сепак, мислиме дека тука се во игра големи политички притисоци, некој го штити концесионерот, па затоа и министерот е со врзани раце – додава рибарот.
За хаосот со работењето на концесионерот со Охридско Езеро „Летница-Белвица“, „Нова Македонија“ пишуваше во повеќе наврати, по што кон крајот на минатата година на терен излегоа инспектори од Инспекторатот за земјоделство, Пазарниот инспекторат, Трудовиот инспекторат и Агенцијата за храна и ветеринарство.
Иако беше најавено дека извештајот за тоа што утврдиле инспекторите ќе биде објавен наскоро, тоа не е сторено.
За случајот е информирана и Државната комисија за спречување корупција, од каде што потврдија дека е оформен предмет и дека ќе се постапува по него во следниот период.