На собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска продолжува интервјуирањето на кандидатите пријавени на огласот за именување на претседател и членови на Државната комисија за спречување на корупцијата.

На огласот се пријавија 80 кандидати од кои 57 кандидати ги исполнија условите, а кај 22-ца беше констатирано дека ја немаат поднесено соодветната документација.

Интервјуто го спроведува Комисија за селекција со која претседава пратеникот Михамед Зеќири, според кого процесот на интервјуирање треба да заврши до среда.

Интервјуата ги водат претставници од Македонската академија на науките и уметностите, Интерпарламентарната унија и здруженија на граѓани, што се занимаваат со антикорупција.

Огласот го објави Собранието и траеше од 22 до 27 минатиот месец. Како што беше наведено во огласот, треба да се избираат претседател на комисијата и шест члена со мандат од пет години, кои нема да имаат право на повторен реизбор. При изборот, според новиот Закон за спречување на корупцијата и судир на интересите, ќе важи принципот на соодветна и правична застапеност и принципот на еднаква родова застапеност.

Новиот Закон за спречување на корупцијата предвидува за претседател и членови на ДКСК да не може да биде избрано лице кое во последните 10 години било донатор на политичка партија, пратеник или член на Влада. Новите членови мораат да имаат шестгодишно работно искуство во областите на откривање или спречување на корупцијата, владеење на правото и да имаат завршено правни, економски, политиколошки или комуникациски студии.

Роковите за избор на првиот состав на антикорупциската комисија, според новиот закон, се скратени со цел новата комисија да се формира пред да почне кампањата за претседателските избори.