Државниот завод за статистика јавно се извини на Македонски Телеком за, како што велат, лошо изнесената изјава дека проблемите во попишувањето се должат на паѓање на интернетот.
– Несреќно дадената изјава се должи на недостиг на точни информации – велар од заводот за статистика.
Оттука попладнево образложија дека во претпладневните часови се појавиле спорадични и локациски изолирани проблеми при процесот на попишување на населението на терен, кои се должат на апликацијата.
– Во кратки периоди и на одредени локации апликацијата за попишување не функционираше и одреден број на попишувачи не можеа да попишуваат. Техничките тимови интензивно работеа на отстранување на проблемот и за кратко процесот продолжи непречено. Би сакале да потенцираме дека проблемот што се појави не се должи на интернет конекцијата со која се овозможува попишување, туку ова се можни и нормални проблеми кои се резултат на поголем број паралелни сесии – велат од Заводот за статистика.
Во тие 2-3 часа додека траеле техничките проблеми, попишани биле речиси десет илјади лица на целата територија на државата.