ИМА ЛИ „ИНСТИТУЦИОНАЛНА АМНЕЗИЈА“ ОКОЛУ НАБАВКИТЕ НА ПАСОШИ, ТАБЛИЧКИ, СВИДЕТЕЛСТВА…
Државата треба да се води како фамилија. Однапред се утврдуваат приоритетите, а денес со дигитализацијата тоа е многу лесно. Со еден клик може да се види колку пасоши годишно трошиме, колку свидетелства ќе ни требаат, колку лични карти, колку таблички просечно ќе ни требаат, вели Александар Тортевски, правник
Застојот во издавањето патни исправи, регистарски таблички за возилата и последното со немањето свидетелства за учениците, е индикатор дека државните институции не менаџираат најуспешно со своите ресурси, кои треба да ги ставаат во функција на нормалното одвивање на животот на граѓаните.
Ваквата непожелна практика што сè почесто се манифестира, говори за еден „невообичаен однос“ на државата кон своите граѓани, а кој сѐ повеќе станува „вообичаен и нормален“.
Проблемот со истечените пасоши во меѓувреме се реши со законска измена на актуелниот Закон за патни исправи, со која пасошите што истекуваат во јули, ќе продолжат да важат до 31 декември, но голем дел од македонските граѓани се сомневаат дека минувањето на пасошките контроли во странските земји со истечен пасош ќе се одвива лесно.
Сличен проблем во исто време се јави и со регистарските таблички, токму поради неажурност на МВР, кое во последен момент распиша тендер за избор на нова фирма за изработка на табличките. Ова доведе целиот процес на издавање таблички да запре, оти на старата фирма во меѓувреме ѝ истече договорот, а нова не беше избрана и едноставно немаше кој да ги изработи.
– Купив четири комбиња за фирмата и ми стојат во двор оти нема таблички. Одвај некако со врски успеав да добијам таблици за едното возило, но другите три и натаму не ми се регистрирани. Несериозно е да се прават вакви пропусти. Се знае кога истекува договорот на некоја фирма и треба со време да се распише нов тендер за да нема никаков застој во процесот. Сега работата ми трпи оти не можам да направам навремена достава на стока до дуќаните – револтирано вели Благоја Костов, приватен стопанственик.
Ниту учениците не добија можност да се израдуваат на постигнатиот успех во оваа пандемиска учебна година, па повторно поради пропусти на надлежните институции тие ќе ги добијат оценките за сработеното пред почетокот на следната учебна година, наместо сега да се израдуваат и пофалат со постигнатото.
Без оглед на причините што ги наведуваат сите институции, а тоа речиси едногласно е пандемијата, нивните објаснувања тешко дека држат вода, бидејќи повеќе од јасно е дека сите имале доволно време да ги планираат постапките однапред и да не дозволат застој во процесите.
Некои од аналитичарите сметаат дека државните институции требало подобро да ги менаџираат состојбите бидејќи вака оние што ги трпат последиците се никој друг, освен токму граѓаните.
– Државата треба да се води како фамилија. Однапред се утврдуваат приоритетите, а денеска со дигитализацијата тоа е многу лесно. Со еден клик може да се види колку пасоши годишно трошиме, колку свидетелства ќе ни требаат, колку лични карти, колку таблички просечно ќе ни требаат. За жал, кај нас од сè денес се обидува да се направи бизнис – вели Александар Тортевски, правник.
Според него, две работи се клучни што може да водат до ваквата состојба со недостиг од основни услуги важни за граѓаните.
– Прво, комплетно се неорганизирани, незаинтересирани, а втор проблем е што институциите немаат меморија. Тие се наполнети со партиски функционери, кои не се свесни дека им стигаат обврски за набавка на обрасци. Порано службеник што работел 25 години на тоа место знае дека кога ќе падне бројката на пасоши, да речеме под 30 илјади, мора да се набават нови. Сега чекаат кога ќе дојдат до три пасоши, тогаш да набавуваат нови количества – истакнува Тортевски.
Тој додава дека работите мора да се пресретнуваат однапред и да не се чека последен момент.
– Не може да се купува леб откако ќе умреш за јадење, не можеш да набавиш вакцини откако ќе те совлада епидемија или не можеш да ставаш зимница во мај, да купуваш дрва за огрев во февруари, се знае кога се прават овие работи. Денес во време на дигитализација се знае колку луѓе просечно годишно бараат пасоши, во кој период најмногу и во кој период ти требаат и ти мораш претходно да ги имаш, а мораш да имаш и резерва. Не смееш ниту еден човек да оставиш без документ. Тоа треба така да биде и за свидетелства и за регистарски таблички, но кај нас луѓето постојано се малтретираат по институции и шалтери – појаснува Тортевски.
И за аналитичарот Синиша Пекевски ваквите состојби се одраз на несоодветно менаџирање со сите ресурси во државните институции.
– Државните институции немаат функционалност, едноставно како да не постојат. Ова покажува дека сите работи, од пасоши на криминалци, до немањето обрасци, да нема свидетелства, регистарски таблички, едноставно да не можеш една работа да завршиш, е само потврда за неизграден институционален капацитет – категоричен е Пекевски.