Фото: Маја Јаневска-Илиева

Исламската верска заедница става мораториум на отворените прашања со државата сѐ до завршувањето на претседателските избори, затоа што не сака да биде дел од злоупотребувања за нечии политички цели. Сепак, оттаму остануваат на својот став дека нивните барања се легитимни и не претставуваат никаква закана за никого. Овој свој став вчера го соопштија претставниците на ИВЗ на заеднички брифинг со медиумите.

Велат дека последните случувања со Алипашината џамија во Охрид ја прелеале чашата на нивното трпение. Оттаму напоменуваат и дека последното писмо што го доставиле до Владата не е прво, туку дел од редовната комуникација уште од јуни 2017 година, што, според нив, значи дека и премиерот и членовите на Владата се детално запознаени со проблемите што тие инсистираат да бидат решени.

– За жал, и во втората година од функционирањето на т.н. реформска влада, ИВЗ нема конкретен одговор, а камоли реализација на кое било свое барање. Нашето незадоволство и нашите барања не се измислени, не се вештачки и не се плод на некаква цел на „уцена“ на кого било, а најмалку Владата. Напротив, нашето незадоволство произлегува од неподготвеноста на надлежните органи во државава да се решат проблемите што се суштествени за функционирањето на ИВЗ – објаснуваат од ИВЗ.

Оттаму велат дека веќе 30 години се обидуваат да го вратат она што им припаѓа на муслиманските верници. Според нив, тие пречки често во минатото биле поставувани чисто од националистички, нетолерантни, дискриминаторски и други исламофобични мотиви.

– Играњето топло-ладно и празните ветувања дека ќе се решат проблемите, кои очигледно е дека не се решаваат, ја минаа границата на нашето трпение. ИВЗ е вџашена и длабоко навредена од квалификацијата дека писмото што го упативме до Владата е уцена. Ние се управуваме од исламските прописи и се трудиме да ги негуваме дијалогот и толеранцијата, соживотот и почитувањето на законот и правото на правдина – објаснуваат од ИВЗ.

Децидни се во ставот дека градежните активности на Алипашината џамија ќе продолжат, но и истакнуваат дека нема да прават компромис околу висината на минарето, зашто тие не ја одредиле висината на минарето за кое се дигнала прашина во јавноста, туку висината на минарето се одредува врз основа на тоа што постоело во минатото.


За фискализација треба нов закон

ИВЗ и другите верски заедници пред некој месец реагираа на одлуката на УЈП да поведе постапки за финансиска отчетност, иако верските заедници се регистрирани по друг закон. Сања Лукаровска, директорката на УЈП, вчера изјави дека за државата да воспостави процес на фискализација на верските заедници, ќе мора претходно да бидат променети законските регулативи, зашто според сегашните закони, верските заедници не подлежат на фискализација.


Денационализацијата на имотите на ИВЗ се одвива бавно

Од ИВЗ велат дека во процесот за денационализација поднеле 350 барања, од кои само 40 отсто се завршени. Преостанатите се предмет на спорови. Најспорни се предметите за денационализација на „Капан-ан“, „Сули-ан“, безистенот во Старата чаршија, како и објектите на Националната галерија на Македонија, „Даутпашиниот амам“ и „Чифте-амамот“.


Резиденција за поглаварот Реџепи на Кале

Едно од барањата на ИВЗ е државата да им додели имот за изградба на резиденција со придружни објекти за поглаварот Сулејман Реџепи на локација до Француските гробишта во близината на Скопското кале. Оттаму велат дека биле подготвени тоа земјиште да го откупат.
– Тоа ветување ни беше дадено од претходната влада, но во меѓувреме му го продадоа на бизнисменот Орце Камчев и на групацијата МПМ. За таа цел ние дадовме свои средства, 80 илјади евра за урбанизација на тој дел, со барање за промена на урбанистичкиот план на општината Центар. Поглаварот Реџепи нема резиденција, за разлика од поглаварите на другите верски заедници во земјава – додаваат од ИВЗ.