Никој од надлежните во државата официјално не се изјасни за тврдењата од Белград дека „најмалку проблеми треба да има со Македонија, бидејќи, според договорот, таа земја се откажала од сите барања за имотот на ЈНА“, за чија поделба од почетокот на месецов се преговара помеѓу претставници на некогашните југословенски републики и се калкулира во регионалните медиуми
Речиси цел месец откога мешовитата комисија за сукцесија на поранешната СФРЈ почна да работи на распределба на движниот и на недвижниот имот на некогашната Југословенска народна армија (ЈНА), никој во Македонија официјално не се изјасни за тврдењата од Белград дека „најмалку проблеми треба да има со Македонија, бидејќи, според договорот, таа земја се откажала од сите барања за имотот на армијата“.
Имено, според востановеното „правило“ кога станува збор за ревидирање на заемните релации на поранешните југословенски републики и овој пат почнаа меѓусебни расправии, при што Македонија уште на почетокот беше дисквалификувана од „пресметката“ со образложение дека самата се откажала.
Тоа, меѓу другите, го кажа српскиот воен аналитичар Александар Радиќ навестувајќи дека поделбата на имотот на поранешна ЈНА ќе биде исклучително тешка задача. Но со тоа не се согласува генералот во пензија и пратеник Илија Николовски.
Тој вели дека допрва ќе се разговара околу оваа ситуација, а до финално решение ќе се дојде кога реципрочно ќе се усогласат ставовите на сите поранешни републики по ова прашање.
– Конкретно, судејќи по натписите на медиумите, може да се види дека сите републики бараат нешто посебно од колачот на ЈНА, но најпрво мора да се направи темелна анализа и да се процени кој добил, а кој изгубил од целиот имот и потоа во согласност со документацијата да биде извршена прерасподелба на имотот – објасни Николовски.
Она во што двајцата се согласуваат е дека преговарачите ќе се соочат со долготрајна и тешка работа.
Радиќ, во изјавата за српските медиуми, прогнозира дека Хрватите, како и другите соседи, ќе излезат со ставот дека Србија од ЈНА зела сѐ за себе, а со тоа и честопати се манипулира со вредноста на имотот, особено со воената техника. Тој додава дека копјата особено ќе се кршат околу становите со кои располагаше ЈНА во сите републики.
Според тврдењата на Сава Штрпац од „Веритас“, само во Хрватска, Србите – цивили, воени лица и полиција, оставиле меѓу 40.000 и 50.000 стана, од кои немал дел ѝ припаѓал на армијата, а засега само 2.000 барања од програмата за домување се позитивно решени.
– Хрватите инсистираат на тоа дека најголем дел од научните капацитети на ЈНА ѝ припаднале на Србија – пред сè, Военотехничкиот центар во Жарково, Техничко-истражувачкиот центар, Воено-медицинската академија (ВМА)… И тука треба да се очекува да има некој вид барање или предлог за компензација – вели Радиќ.
Според него, натаму Словенците се посебен проблем, бидејќи ЈНА при повлекувањето од оваа република, во октомври 1991 година, остави дел од оружјето и техниката да ги чуваат локалните власти.
– Имаше договор, орочен до завршувањето на сукцесијата на државниот имот, но тоа прашање никогаш не беше затворено докрај – рече, меѓу другото, Радиќ.
Од друга страна, хрватскиот весник „Слободна Далмација“ пишува дека властите во Загреб веќе имаат направено своја независна процена на крупните делбени ставки од овој имот, врз база на детална реконструкција на целосниот систем на поранешната ЈНА, нејзините родови, недвижностите, движниот имот, оружјето, орудијата и техниката.
– Билансот на вкупната вредност се движи околу 70 милијарди долари, од кои Хрватска побарува над 10 милијарди долари. Хрватска ѝ должи на Црна Гора две милијарди долари, а околу осум милијарди е долгот кон Србија – наведува овој медиум.
Весникот додава дека во однос на сукцесијата генерално, најголем напредок бил постигнат во делот на дипломатско-конзуларниот имот, поточно околу недвижностите во кои беа сместени амбасадите и конзулатите на СФРЈ, додека по сите други ставки од наследството како што се златото и финансиите, архивската граѓа, приватната и заедничката сопственост, поделбата едвај да е почната.