Медиумската писменост се изучува како посебна тема во наставните програми во согласност со новиот концепт, со што наставникот има обврска да ја интегрира и со останатите подрачја, за да им овозможи на учениците да ги поврзат знаењата од различни области, истакна министерката за образование Мила Царовска на претставувањето на проектот на УСАИД „Младите размислуваат“.
Новите наставни програми во тековната учебна година почнаа да се реализираат во прво и во четврто одделение, во рамките на кои се изучува медиумската писменост, а постепено се воведува и во погорните одделенија.
Амбасадорката на САД Кејт Мери Брнз нагласи дека американската амбасада во земјава изминатите три децении ги поддржала независните и професионални медиуми. Таа смета дека сега се прави нов чекор со проектот „Младите размислуваат“.
Македонскиот институт за медиуми ќе учествува во овој процес преку спроведување различни активности во основното и во средното образование, со поддршка од УСАИД и во координација со ИРЕКС, со Министерството за образование и наука и со Бирото за развој на образованието (БРО), како што информира директорката на МИМ Билјана Петковска.
Во рамките на денешниот настан беше потпишан и меморандум за разбирање меѓу ИРЕКС, МИМ, Министерство за образование и наука и Бирото за развој на образованието, којшто ќе обезбеди основа за системска интеграција на медиумската писменост во наставните програми за основно и за средно образование.
Во наредните пет години МИМ заедно со МОН и со Бирото за развој на образованието ќе организираат обуки за наставници од основните и средни училишта во цела држава.