Вашиот дел од работата го сработивте, рече потпретседателката на Европската комисија, Федерика Могерини, обраќајќи се до Македонија и до Албанија, на денешната презентација на најновите стратегии за проширувањето на ЕУ.
-Северна Македонија и Албанија својот дел од работата го сработија, а сега останува ЕУ да го сработи своето и топката е кај комитетот- рече таа во Европскиот Парламент.
Европскиот комесар за проширување, Јоханес Хан, Македонија и Албанија ги посочи како најпозитивни примери во регионот.
-Двете земји успеаја да ги исполнат очекувањата. Северна Македонија не само што успеа да ги почне реформите, туку успеа да направи историски договор со Грција и да ги имплементира неопходните параграфи од договорот во Уставот- рече тој.
Освен Договорот од Преспа, Хан потенцираше дека државата и со договорот со Бугарија дала јасна порака до соседството и „станала пример за градење добрососедски односи“.
-Со ова, Северна Македонија е единствената земја во регионот која нема меѓусоседски конфликти- рече Хан.
Освен ова, тој ги спомена и успешно спроведените претседателски избори, формирањето на Антикорупциската комисија, како и реформите во администрација и во судството.
За Албанија, Хан рече дека се очекува голема трансформација во правосудниот систем и реевалуација на судиите и јавните обвинители со цел искоренување на корупцијата.
Европската Комисија во извештајот смета дека земјата поминува низ “темелни промени во инклузивна и отворена политичка атмосфера“ и дека конкретни резултати се видливи во сите клучни реформски области: судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, разузнавачките служби и јавната администрација.
Во однос на СЈО, Европската комисија нотира дека ова тело ја докажала својата водечка улога во гонењето на високопрофилна корупција. Сепак, ЕК бара дополнителен напор од „сите судски институции“ за враќање на довербата на јавноста во судството.
По објавувањето на позитивниот извештај и препораката за старт на преговорите, сега клучна останува одлуката на земјите членки на ЕУ за датумот за преговори, одлука која се очекува најрано во текот на јуни, но која би можела да биде одложена за јули или септември.