
На 14 ноември 1944 година, весникот, „Нова Македонија“, на своите страници го објави прогласот на Градскиот народноослободителен одбор во кој беше истакнато дека „Скопје, престолнината на Македонија, е ослободено. Крвавиот германски фашистички окупатор е истеран од нашиот град“.
Скопјани исто така биле информирани дека Градскиот народноослободителен одбор како орган на народната власт и единствен толкувач на народната волја ја презема власта во свои раце. На 15 ноември, штабот на Првата корпусна зона го информира Главниот штаб на НОВ на Македонија со следните зборови: „Вашата наредба за ослободување на историскиот град, престолнината на Македонија, нашето убаво Скопје, ја извршивме“

На 15 ноември, во 12 часот, сите бригади биле построени на плоштадот. Командантот на Главниот штаб на НОВ на Македонија, генерал-лајтнант Михаил Апостолски извршил смотра на построените борци. По извршената смотра, Апостолски одржал говор и им оддал признание и благодарност што учествувале во борбите за ослободување на Македонија и на Скопје.