Премиерот Зоран Заев денеска ја прими во посета новата амбасадорка на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Рејчел Галовеј, на која и посака добредојде и изрази уверување дека таа успешно ќе ги продолжи активностите за натамошно зајакнување на односите меѓу двете земји, информира владината прес-служба.
Премиерот Заев ја запознал амбасадорката Галовеј со актуелниот политички момент во земјата со посебен акцент на создавањето најдобри услови за одржување на претстојниот референдум за договорот со Грција како следен чекор кон членството на нашата земја во ЕУ и НАТО.
– Амбасадорката на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Рејчел Галовеј, изрази големо задоволство што во наредниот период добива шанса да е присутна во еден исклучително значаен период од развојот на Република Македонија кога треба да се финишираат последните фази од членството во ЕУ и во НАТО, и дека од нејзината земја ќе продолжи поддршката за реализирање на евро-атлантските аспирации на РМ, се вели во соопштението.
Заев, како што стои во сооптението, ја нагласил и исклучително добрата соработка со Обединетото Кралство во повеќе области, особено економската, како и поддршката што оваа земја го посветува на развојот на капацитетите на институциите во државава, со посебен акцент на подигнувањето на перформансите на Парламентот.