Премиерот Зоран Заев по покана добиена од германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател, Емануел Макрон, денеска во Берлин ќе учествува на Конференција на шефови на држави и влади од ЕУ и од земјите на Западен Балкан.
Како што информираат од владината прес-служба, целта на состанокот е да се обезбеди дискусија за политичката ситуација во регионот на Западен Балкан. Фокусот на разговорите ќе биде ставен на можностите за решавање на отворените прашања, особено за нормализација на дијалогот меѓу Србија и Косово.
– Во светло на поставените теми за дискусија, успешните договори со Бугарија и Грција, и пристапот на надминување на проблемите и пријателството што го гради нашата држава, претставуваат модел што другите можат да го следат – се наведува во владиното соопштение, во кое се додава дека заеднички интерес на сите држави и народи е да има мир и стабилност во регионот.
Владината делегација во Берлин, предводена од премиерот Заев ја сочинуваат и вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров. На маргините на посетата, Заев и делегацијата ќе имаат можност за билатерални средби со другите шефови на држави и влади.