Власта и опозицијата и по девет месеци преговарање се далеку од донесување на законот за обвинителство. Партиите, по вчерашното прекинување на состанокот на работни групи, повикуваат на нови разговори и политички дијалог, но исто така се обвинуваат меѓусебе кој го кочи процесот.
СДСМ тврди дека ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер не сакаат правда, но и дека нивниот обид да пропаднат предметите на СЈО не е успешен.
Портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, вели дека СДСМ сака нормален политички дијалог со опозицијата за сите стратешки прашања, како и принципиелен договор со опозицијата со цел да се изгласа Законот за ЈО.
ВМРО-ДПМНЕ пак, обвини дека власта не сака да биде донесен законот за обвинителство кој ќе биде носител на правото и правдата.
Во меѓувреме, нема закажана нова средба откако предводниците на двете работни групи, Рената Дескоска и Антонио Милошоски, објавија дека двете страни имаат различно толкување за тоа што било договорено на лидерската средба Заев – Мицкоски.