Наспроти мноштвото реакции во целиот досегашен тек на процесот за спроведувањето на спогодбата од Мала Преспа и драматичното формирање на потребното парламентарно мнозинство од 80 пратеници за отворање на Уставот, вчерашното доставување на нацрт-амандманите од страна на Владата до Собранието помина со релативно млак одглас во јавноста и на социјалните мрежи.
Меѓу првите со свое мислење се јави професорката Билјана Ванковска. Таа на својот фејсбук-профил напиша дека од самосвесен народ, кој се изборил за самоопределување, се претвораме во колонија.
Проф. Билјана Ванковска
– Асномска, охридска, северна и/или преспанска Македонија? Моронија! Од самосвесен народ, кој се изборил за самоопределување, спаѓаш на колонија! Од славните традиции, правиш салата и ги славиш поразите, ги славиш исчезнатите од 2001-та на кои ни коските не си открил каде им лежат, мавровските работници, на кои правдата си им ја одзел! Срам, понижување, недостојност и да се наречеш држава! Ако им помине ова, можеме слободно да си одиме – ќе се грижат за нас како за дијаспора!
Проф. Тања Каракамишева
– Мизерии, знаете ли што правите? Прогласот на АСНОМ нема карактер на конститутивен акт! Проглас е објавување, соопштување на текот на заседанието.
Ги укинавте историските одлуки на АСНОМ за соопштение, а го тупнавте Охридскиот рамковен договор како конститутивен елемент на државата?! Днооо…
Костадин Костадинов, портпаролот и пратеник на СДСМ
– Сега, кога текстот на амандманите на Уставот е подготвен, ги повикуваме сите пратеници, и оние од ВМРО-ДПМНЕ, да ги поддржат. Станува збор за иднината на државата. Да ги оставиме ситните калкулации на антизападното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, нивните лаги секојдневно излегуваат на виделина.
Партијата Единствена Македонија
– Денеска во Собранието осумте одметнати и уценети пратеници со евтини трикови се обидоа да се исперат од срамот со некакви нивни уставни амандмани, со кои се подобрувал капитулантскиот договор со Грција. Тие се обидуваат да докажат дека ги штителе националните интереси, иако македонскиот народ и поголем дел од граѓаните на 30 септември порачаа дека не сакаат промена на името и членство во НАТО и ЕУ. Значи, вистината е една: оние осум пратеници што се одметнаа и гласаа за уставната ревизија носат огромна одговорност во историјата.