Досегашниот начин на полагање на стручниот испит за правници, односно правосудниот испит, меѓу правниците предизвикуваше бурни дебати и критики околу тоа дали испитот треба да се спроведува како и досега, односно по електронски пат или, пак, треба да се врати некогашниот модел на писмено и усно полагање. Стручната јавност неколкупати реагираше на тоа колку ваквиот принцип на електронско полагање ќе произведе стручни и квалитетни правници, бидејќи преку правосудниот испит мора да се испитаат елоквентноста и начинот на изразување и затоа и мора да има устен дел. А откога Владата минатата недела го усвои новиот закон за правосудниот испит, повеќето правници се задоволни и очекуваат многу подобри ефекти од досегашните.
Повеќето адвокати, млади правници, како и студенти по право се едногласни околу мислењето дека за да се биде правник, особено адвокат, се подразбира дека се потребни и умешност за вербално изразување, ораторски способности, комуникациски вештини, како и способност за фокусирање на битни делови од текст, случај, ситуација.
– Досегашниот систем на заокружување претставува систем на препознавање, систем на снаоѓање, а понекогаш и систем на среќа, кој не гарантира знаење и разбирање на материјата. Кај правниците најосновно нешто е да знаат да се изразат. Како може правник да се станува преку тест на заокружување на компјутер. На тој начин доаѓаме во ситуација, еден ден, некој судија да не може да состави судска одлука, или адвокат да не може да напише тужба, бидејќи неговото знаење е на ниво на заокружување – вели правничка од приватна компанија во Скопје.
Постојното законско решение, според упатените, не овозможува проверка на практичните вештини на правниците, кои, пак, се потребни за самостојна примена на прописите во практиката. Од тие причини, како што велат, во законските акти со кои се утврдува начинот на полагање и спроведување на ваквиот испит, е потребно да бидат предвидени мерливи и објективни критериуми за процена на знаењето на кандидатите.
Според Стратегијата за реформа на правосудниот систем на Министерството за правда, за унапредувањето на судскиот систем и за неговото подобро функционирање, стручни испити како што се правосудниот, нотарскиот, извршителскиот, медијаторскиот итн. се полагаат по електронски пат, што не дозволува соодветно оценување на квалитетот на лицата што полагаат.
– Општ заклучок на целокупната стручна јавност е дека испитот за влез во правничка професија, особено во областа на правосудниот сектор, е недозволиво и сосема нецелисходно да се спроведува без кандидатот вербално да ги искаже своите знаења и да ги покаже своите говорнички вештини. Исто така, „студии на случај“ од ниту една правна област не може да се решаваат на компјутер – се наведува во стратегијата.
Пред извесно време на владина седница беше усвоен новиот предлог-закон за правосуден испит предложен од страна на Министерството за правда, со кој се менува начинот на полагање на правосудниот испит. Како што соопштија од министерството, основна цел на овој закон е укинување на електронскиот начин на полагање на правосудниот испит и воведување писмено и усно полагање на кандидатите пред стручна комисија, врз основа на мерила и објективни критериуми за процена на нивните знаења.
– Правосудниот испит ќе можат да го полагаат дипломирани правници што имаат 300 кредити според европскиот кредит-трансфер систем (ЕКТС), кои работеле најмалку една година на правни работи во суд, јавно обвинителство, Државно правобранителство на Република Северна Македонија, кај Народен правобранител на Република Северна Македонија, адвокат, нотар или извршител. Испитот ќе можат да го полагаат и дипломирани правници што работеле најмалку две години на правни работи во други државни органи, органи на единиците на локалната самоуправа, трговски друштва и други правни лица. Предвременото полагање на испитот ќе биде забрането – известија од ресорното министерство.