Свештениците велат дека задушницата се состои во молитвено застапништво за починатите, а не во тоа колкаво количество храна ќе се раздаде на гробиштата
Православните христијани денеска ја одбележуваат митровденската задушница, во чест на душите на починатите. Според православниот календар, оваа есенска задушница секогаш се паѓа во саботата пред празникот Митровден, кој годинава се празнува на 8 ноември. Тогаш верниците ги посетуваат гробовите на своите најблиски, таму држат помен за душа на умрените. На денот на задушница во секоја црква се служи литургија за упокоените. Отец Бобан Митевски, свештеник од Македонската православна црква-Охридска архиепископија, вели дека оваа митровденска задушница не постои во преданието на црквата, односно дека била востановена во Русија, во чест на загинатите војници, а потоа влегла во нашата традиција.
– Во текот на годината црквата одредила конкретни денови да бидат посветени за наше застапништво за починатите. Секоја сабота во неделата е посветена за време да се молиме за починатите, да се застапиме за нивно спасение. Во текот на годината има денови задушници кога се посетуваат гробовите и самите цркви за починатите и се принесуваат жртви за нивното спасение и за поправање на нивната состојба во која се наоѓаат во задгробниот живот. Самиот збор задушница значи „за душата“. И според оваа терминологија, тоа подразбира принесување жртви и молитви. Под принесување жртва се подразбира варена пченица и вино, а во некои краишта се принесува и леб. И на тоа се ограничува принесување на жртвата, зашто во православната жртва има само бескрвна жртва. Раздавањето храна е непотребно, не е задолжително и не треба да се практикува – објаснува отецот.
Според него, верниците треба да ги слушаат свештениците, кои изминатите години постојано зборуваат дека задушницата се состои во молитвено застапништво за починатите, а не во тоа колкаво количество храна ќе се раздаде на гробиштата.
Според Православната црква, постојат три задушници. Првата во годината е пролетната задушница, која се поврзува со почетокот на велигденскиот пост, односно саботата пред почетокот на постот.
Потоа, следува духовденската задушница, која се обележува во саботата пред празникот Духовден, односно на слегувањето на Светиот Дух врз апостолите. На крајот од годината следува митровденската задушница, пред празникот Митровден.
Спомен во чест на загинатите монаси
Митровденската, која е една од трите задушници во годината, е востановена во 14 век и најпрво била руска традиција, од каде што преминала и во повеќето православни цркви. На оваа задушница во прво време биле спомнувани само православните војници, меѓу кои биле и двајцата монаси Александар Пересвјат и Ослабја од Московската обител на живоначалната Троица, кои паднале на браникот за верата и татковината. Димитриј Јованович Донски, откако ја извојувал победата во битката со Мамаите на Куликовското поле во 1380 година, во која погинале и двајцата спомнати монаси, ја посетил нивната света обител за таму да учествува во извршувањето на поменот за нив. Притоа тој предложил црквата да го прави овој помен секоја година во митровденската сабота, односно во онаа сабота што е најблиску до празнувањето на св. вмч. Димитриј. Од тоа време црквата ја приброила оваа задушница.