Министерството за здравство во текот на вчерашниот ден на Електонскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН) објави повик за градежни фирми за изградба на новиот универзитетски Клинички центар на гринфилд локација.
Критериум за избор на најповолна понуда ќе биде најдобриот однос помеѓу цената и квалитетот. За првпат не е критериум најниска цена, туку економски најповолна понуда, при што се земаат во критеритум цена 30 бода и квалитет 70 бода.
– Изградбата на нов, современ и функционален Универзитетски клинички центар во Скопје на гринфилд локација ќе гарантира високо квалитетни здравствени услуги на населението во целата држава. Предвидениот пристап на Министерството за здравство, во согласност со „Студијата за изводливост на проектот преместување на Универзитетските клиники во Скопје на гринфилд локација“ е реализација на градбата во три последователни фази, по системот „клуч на рака“ кој подразбира проектирање, изградба, опремување, трансфер планови и нивна реализација, обука на персонал, како и одржување на објектот и опремата за определен период за секоја последователна фаза – соопшти Министерството.
Со оглед на тоа дека станува збор за сериозен проект, велат оттаму, искуството на компаниите во изградба на слични проекти е од искучителна важност за изградба на новиот Универзитетски клинички центар.