Македонската државјанка С.Т., која беше тешко повредена во несреќата кај Лесковац, кога пред една недела од патот излета автобус со патници од Македонија и се преврте, починала во Клиничкиот центар во Ниш.
Ова е четврта жртва од несреќата што се случи на 16 декември, во која шест лица беа тешко повредени, а 32 полесно.
Патничката С.Т. имала скршена карлична коска, што довело до крвавење на мочниот меур, поради што била оперирана во Клиничкиот центар во Ниш. Таа заедно со уште една повредена патничка била приклучени на апарати за дишење. Во нишкиот клинички центар биле однесени уште четири потешко повредени патници, чија состојба е стабилизирана.
Автобусот на струшката компанија „Еуробус“ на 15 декември, во 19 часот, тргнал од Битола за Виена и околу 1.40 часот минатата недела наутро се преврте во близината на Лесковац. Тројца патници починаа на самото место. Во нишкиот клинички центар веднаш биле префрлени четворицата најтешко повредени, а подоцна биле донесени уште двајца. Во лекувањето на повредените патници, покрај лекарски екипи, учествувале и медицински екипи од итната помош во Ниш. Во време кога се случила несреќата имало интензивни снежни врнежи.