Во Скопје на 92 годишна возраст почина проф. д-р Димитар Ќорнаков – македонски историчар на уметноста и публицист, припадник на првата генерација македонски истражувачи на средновековната уметност.
Ќорнаков (роден во 1927, Стојаково, Богданечко) на уметноста на копаничарството посветил најголем дел од својата истражувачка и научна работа.
Добитник е на национални и меѓународни награди, меѓу кои и наградите „Свети Климент Охридски“ за животно дело од областа на културата и „13 Ноември“ на Град Скопје.
Повеќе од 35 години работел во Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата како историчар на уметноста, додека последните години од работниот стаж работел во Институтот за старословенска култура во Прилеп.
Бил повеќегодишен директор на Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата, а како стипендист на италијанската влада бил на специјализација во Рим, во Централниот институт за реставрација, во 1962 и 1963 година.
Темелно го проучува творештвото на мијачките резбари (копаничари) во црквите и манастирите на Балканскиот Полуостров. Учествувал на повеќе конгреси и симпозиуми во земјата и странство.
Автор е на монографските книги: Творештвото на мијачките резбари на Балканот од крајот на 18. Век, Македонска резба, Македонски манастири, Резбарски центри во Македонија, Полошки манастир, Соборните храмови во Македонија, Царски двери, Слимнички манастир, Копаничарот Димитар Станишев од Крушево, Копаничарот Макариј од Галичник, Цркви и манастири во Тиквешијата и други.