Градоначалникот на Охрид проф. д-р Јован Стојаноски утрово ненадејно почина на 48-годишна возраст.

Според првичните информации, причина за смртта е срцев удар. На Стојаноски му се слошило, па во критична состојба бил префрлен на Интерното одделение на Општата болница во Охрид. Бил направен обид да се префрли во Заводот за кардиологија, но залудни биле обидите за реанимација.

Јован Стојаноски беше професор на факултетот за туризам и угостителство во Охрид, а градоначалничката функција ја вршеше од 20 октомври минатата година, после победата во првиот круг од Локалните избори.

Стојаноски беше роден на 7 август 1970 година во Охрид.


Вонредна седница на Советот на општина Охрид, погребот в понеделник

По повод ненадејната смрт на градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски, Советот на општина Охрид утре ќе одржи вонредна седница, закажана од 10 часот.

Од општина Охрид е соопштено дека Комеморативната седница по повод смртта на Стојаноски ќе се одржи в понеделник од 10 часот, во Големата општинска сала.

Погребот на Стојаноски е закажан за в понеделник од 14 часот на Градските гробишта во Охрид, а посмртните останки ќе бидат изложени во Градската капела од 12 часот.