Македонија и Бугарија денес потпишаа протокол за заедничка соработка во областа на борбата против трговијата со луѓе. На потпишувањето присуствуваше министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов.
Спасовски истакна дека борбата против организираниот криминал не познава граници, што нѐ упатува на заедничка акција.
– Со потпишување на протоколот јасно ја изразивме нашата подготвеност за интензивирање на размената на информациите во однос на превенцијата и борбата против трговијата со луѓе, како и за спроведување на заеднички активности за идентификација на новите трендови за трговија со луѓе и креирање на погодни механизми за соодветен одговор – рече Спасовски.
Протоколот за соработка помеѓу Владата на Република Бугарија и Владата на Македонија во областа на борбата против трговијата со луѓе отвара нови можности за продлабочување на соработката во однос на превенцијата, идентификацијата и заштитата на жртвите на трговија со луѓе.