Подобрување на транспарентноста, правната сигурност и ефикасноста на судството во Македонија има за цел Меморандумот за соработка потпишан денеска меѓу министерката за правда Рената Дескоска, претседателката на Центарот за правни истражувања и анализи Лидија Стојкова Зафировска и новоназначената амбасадорка на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Рејчел Галовеј. Соработката ќе се реализира до крајот на март 2020 година.
– Целта на оваа програма е подобрување на перцепцијата и довербата на јавноста во правосудниот систем пред се преку зголемување на транспарентноста на судовите, како и преку поддршка на реформите и зголемување на капацитетите на судството, се вели во соопштението од Министерството за правда.
Тoa ќе се одвива преку три компоненти од кои се очекува да спроведат објективна проценка на судските реформи во Македонија – преку следење на напредокот на реформите во правосудството, зајакнување на правната сигурност и предвидливост преку подобрување на правната рамка и обуки за судиите за постојана примена на правото, и последната компонента која подразбира отворање на судскиот систем во смисла на зголемување на неговата транспарентност и одговорност кон јавноста и граѓанскиот сектор.
Имплементатор на овој проект ќе биде Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИА).