Постигнат е договор меѓу вработените од Еурокомпозит и Владата. Ќе им бидат исплатени две плати до петок и ќе се бара решение исто како што се решаваше „Фени Индустри“.
Договорот е постигнат на денешната средба меѓу вработените и претставници на Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство (СИЕР) со вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.
– Владата презема обврска на ист начин како што се решаваше „Фени индустри“ да го решава и „Еурокомпозит“, бидејќи по кажувањето на вицепремиерот има заинтересирани компании кои сакаат да инвестираат- изјави претседателот на СИЕР Пеце Ристевски по средбата.
Пред Владата почнаа да се отстранат шаторите поставени од штрајкувачите од Еурокомпозит.
Тие бараа исплата на заостанатите 18 плати и придонеси за здравствено и пензиско осигурување за изминатите шест години.