Невреме со пороен дожд, проследен со силен ветар и град, за дваесетина минути предизвика поплавување на сообраќајници и две улици во Струмица.
Локалниот пат од Струмица кон Бања Банско, кој поминува низ центарот на селото Муртино беше под вода. Поради преполните одводни канали водата се излеа во дворовите, а граѓаните на Муртино со пумпи ја испумпуваа.
Освен во Муртино невремето предизвика штети и во селото Сачево. Според информации од жителите има откорнати дрвја, искршени керамиди, а од градот се оштетени пластеници и посевите на отворено.
Штети на посевите има во други населени места во општина Струмица.
Според првичните информации во Струмица поплавена е улицата „Младинска“, а водата предизвикала штети во познатата „Леблебеџиска улица“.
Екипи на ЈПКД „Комуналец“ се на терен и работат на расчистување на поплавените места во градот и населените места.