Лажните вести речиси секогаш носат пораки на национализам, поделба, раздор, конфликт и омраза. П роблемот со лажните вести е сериозен и треба посветено да работиме на справување со овој предизвик, порача денеска од Велес м инистерот без ресор, задолжен за комуникации, транспарентност и отчетност Роберт Поповски.
– Видовме, не само деновиве, туку и низ годините наназад, колку штетна може да биде пропагандата, дека тие лажни зборови честопати поттикнуваат вистинско и брутално насилство и агресивно однесување- истакна Поповски на форумот посветен на справувањето со дезинформации.
Тој оцени дека завчера, за време на насилните протести во Скопје, но и во континуитет на социјалните мрежи, се шират лажни и вознемирувачки вести вклучувајќи наводни жртви на полициска бруталност, за кои се користат стари фотографии од личности од светот, лажни текстови и постови.
Говорејќи за поставеноста на Владата за справување со овие предизвици на дигиталното дезинформирање, Поповски го истакна повикот на Владата за конструктивна атмосфера и отворена дебата со граѓаните за секое отворено прашање, без страв, заплашување и притисоци да градат сопствени ставови за секое отворено прашање, посебно акцентирајќи го претстојниот референдум за Договорот со Република Грција.
Според министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, лажните вести имаат за цел намерно извртување и манипулирање на јавноста. Тој потсети дека измените во законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги гарантираат услови за професионализација на медиумите и даваат шанса политичарите да ги тргнат рацете од медиумите.
– Клучот е во новинарска фела, да се саморегулира и се држи до етичките и морални стандарди. Владите и сите политички субјекти мораат да се држат до овие стандарди- нагласи Манчевски.
Директорот на Канцеларијата на УСАИД за општ развој Едвард Гонзалес смета дека граѓаните треба да развијат практика на следење на вести од различни извори и да бидат критични кон информациите кои ги конзумираат, а од друга страна Владата да промовира транспаретност и отчетност.