Фото: Игор Бансколиев

ПО ПОВОД СВЕТСКИОТ ДЕН НА СЛОБОДАТА НА МЕДИУМИТЕ

Состојбата во медиумскиот простор се подобрува, но има уште многу да се сработи. Тоа е клучен заклучок упатен од владините претставници на вчерашната средба со новинарите по повод 3 Мај, Светскиот ден на слободата на медиумите.
Министерот за транспарентност и отчетност Роберт Поповски рече дека Владата нема никогаш да се меша во работата на медиумите. Тој истакна дека во наредниот период Владата ќе се насочи и кон медиумската писменост на граѓаните.
Поповски во својот говор пред новинарите најави и нови проекти за финансирање на електронските медиуми на ист принцип како што финансиски беа помогнати печатените медиуми.

– Веќе имавме еден разговор за финансиска помош на електронските медиуми, но преговорите престанаа поради изборната кампања. По завршување на изборите ќе продолжиме со разговорите, но потребна ни е помош и од самите медиуми – рече Поповски.

Министерот за администрација и информатичко општество Дамјан Манчевски, пак, се пофали со носењето за Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, а како следни за реформи ги спомена советот на Агенцијата за медиуми и Советот на националниот радиодифузер.
– Во делот на отвореноста, оваа влада го востанови порталот за отворени податоци преку кој и новинарите и сите граѓани имаат можност многу подетално и многу поаналитички да ја следат работата на Владата – рече Манчевски.

Вицепремиерот, пак, задолжен за евроинтеграции Бујар Османи наведе дека и подобрувањето на состојбата со медиумите му користело како аргумент во разговорите со европските партнери и истакна дека успешни избори на 5 мај ќе бидат доказ за зрелоста на демократскиот капацитет на државата. Во меѓувреме, според последниот извештај на „Репортери без граници“, објавен минатиот месец, државата се подобрила на ранг-листата на оваа меѓународна организација за 14 места. Сега се наоѓа на 95-то место од вкупно 180 земји, но пред неа остануваат земјите од регионот како Словенија, Грција, Хрватска, Србија, БиХ, Косово, Албанија и Романија, а зад нас е само Бугарија. За споредба, земјава до 2007 година беше на 36-то место.


Клучните системски промени во медиумскиот простор не се завршени

Потребен е сериозен ангажман на сите релевантни актери околу крупните реформски чекори во медиумскиот сектор во државата. Ова е заедничкиот заклучок на писменото соопштение по повод Светскиот ден за слобода на медиумите, 3 мај, на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Македонскиот институт за медиуми (МИМ).

– Во изминатиот период се преземени извесни напори што резултираа со подобрување на амбиентот во кој работат новинарите и медиумските работници, што, пак, го подобри имиџот на државата во меѓународните извештаи за слобода на медиумите во светот.
За илустрација, нашата земја е рангирана на 95-то место според последниот светски Индекс за слободата на медиумите на „Репортери без граници“, скокајќи 14 места во однос на претходниот извештај за 2018 година – се вели во соопштението до јавноста на новинарските организации.
Еснафските организации потсетуваат дека клучните системски промени во медиумскиот сектор сè уште не се завршени, меѓу кои се реформите во јавниот радиодифузен сервис и медиумскиот регулатор.

[email protected]