Една од горливите политички теми во земјава, кои се активираат циклично, е и онаа за предлог-законот за спроведување попис на населението, домаќинствата и становите. И покрај стандардната дефиниција дека пописот е статистичко-економска операција, во Македонија како реалност е прифатено дека неодминливи се и политичките импликации. Според стандардите на Евростат и препораките на Обединетите нации за спроведување попис во земјите-членки, во текот на 2020 и 2021 година, македонската влада изработи предлог-закон за спроведување попис од 1 до 21 април во 2020 година, кој треба да ја помине собраниската процедура за да биде усвоен. Всушност, предлог-законот за попис, со европско знаменце е доставен за расправа во собраниската комисија за европски прашања, а еднаш закажаната расправа за него беше откажана, наводно поради друга точка од дневниот ред. Собраниски извори за медиумите најавуваат дека до крајот на седмицава би можело повторно да биде закажана комисиската расправа за ова прашање.
Сепак, и за последната верзија на предлог-законот, кој е доставен до Собранието, опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ и понатаму има забелешки во смисла на начинот на кој се планира да се спроведе пописот. Главната забелешка на нацрт-законот, која ги буди опозициските сомнежи е предлогот за попишување и на оние државјани што повеќе од една година не престојувале во земјава.
– Не може да се направи попис што е резултат на политички пазар. Не може да се направи попис на кој граѓанин ќе каже матичен број и оној што ги знае матичните броеви на дел од неговото семејство и пошироко семејство да кажува, и на тој начин да биде спроведен попис – реагира Наум Стоилковски, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, попишувањето од страна на роднини, кои повеќе од една година не биле во државава, претставува политичка манипулација, со која нема да се добијат релевантни статистички податоци и води во насока на политичко редефинирање на Република Македонија
Од опозицијата упатија предлог за усогласување и постигнување договор за законот за попис со власта, пред да започне парламентарната процедура за него, но досега не е остварена таква средба.
Според актуелниот предлог-закон (кој од октомври минатата година беше 40 дена на јавен увид и им бил доставен на сите политики партии), се предвидени комбинирани попишување, задржана е етничката графа, но и попишување на иселените од државата, од страна на роднини, доколку ги имаат личните податоци. Тоа во своите изјави го потврдува и директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, кој вели и дека таквиот метод на спроведување попис е во согласност со европските стандарди.
Од Заводот за статистика истакнуваат дека ако најмалку 100 илјади државјани ја бојкотираат оваа операција, тогаш резултатите не можат да се сметаат за релевантни. Според законските одредби, сите граѓани што нема да прифатат да бидат анкетирани, можат да добијат глоба од 200 до 400 евра по лице.
Генерално, за власта, предлог-законот за попис е според европските стандарди, а во партиското соопштение, прозивките на опозицијата ги оценуваат во контекст на тоа дека „Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се единствените што навиваат за неуспех, единствените што работат против интеграција во обид да ја вратат државата во темното минато на изолација“.
Инаку од 15 јуни, во 13 општини во Македонија веќе се спроведува пробен попис, на кој од Заводот за статистика откриваат дека се соочуваат со технички проблеми при анкетирањето со помош на компјутерскиот софтвер, но овие пречки ќе се елиминираат за да не се повторат во редовниот попис наредната година.