Kако жртви на семејно насилство во изминатите 18 месеци помош побарале 60 жени, бележи невладината организација „Женски форум“ во Тетово, преку нивниот центар за бесплатна правна помош. Сепак оттаму сметаат дека бројката на реалните случаи е повисока со оглед на тоа дека постојат примери кои не се пријавени кај нив.

-Бројката не е реална, со оглед на тоа дека многумина и не пријавуваат семејно насилство. Причините најчесто се страв, како и економска зависност. Сепак, сме задоволни што и тие 60 побарале помош. Сите биле прифатени и поминале низ сите фази на давање поддршка, како правна, така и институционална. Нашата организација соработува со сите релевантни институции засегнати од овој проблем- истакна Верица Тимосиеска, адвокат во центарот за бесплатна правна помош на организацијата.

Со цел подигнување на свеста и информирање на граѓаните за сите детали околу семејното насилство и можноста за поддршка и помош „Женски форум“ од 25 ноември, па се до 10 декември реализира низа активности.

-„Женски форум“ го промовираше и протоколот кој подразбира меѓусебна соработка со правните, здравствените и институциите за социјална работа, како и општината. Преку него се очекува на жртвите да им се пружи поефикасна услуга, вели Тимосиеска.

Дел од активностите на „Женски форум“ е споделување на информациите на отворено со цел да биде бесплатната правна помош подостапна до жртвите на семејно насилство кои немаат пристап до ваквите можности.

А.С.