Фото: Маја Јаневска-Илиева

СИСТЕМОТ ГО НАМАЛУВА БРОЈОТ НА ПОВТОРУВАЧИТЕ

Прашањето е зошто повторуваат година оние ученици кај кои имало основа да ја завршат успешно годината, а успеваат да се извлечат оние што преку целата година имале слаби оценки во дневниците, вели Ефтим Пејовски, директор на училиштето „Михајло Пупин“

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека има континуиран тренд на опаѓање на бројот на учениците што повторуваат година поради единици по наставните предмети. Тоа се случува и во основното и во средното образование. Системот овозможува полесна проодност откако пред една деценија средното образование стана задолжително, но тука се и традиционалните притисоци за двојки, па професорите пишуваат преодни оценки само за да се ослободат од овие ученици.

Најслабите ученици не смее да се надвор од образовниот процес, откако стана задолжително средното образование. Ако во 2008-2009 година имало 979 ученици основци и средношколци што ја повториле годината што ја завршиле, денеска таа бројка е 326. За цела третина е намален бројот на ученици со незадоволителен успех.
– Не е тешко да се увиди што се прави. Еве, да отвориме еден дневник. Лесно се гледа дека некој ученик што немал никаква основа да има заклучена оценка двојка, таа двојка таму е впишана. И лаик да ги погледне дневниците, ќе види дека нешто не е логично тука. Ако го прашате професорот како може вака, ќе ви рече дека ученикот одговарал на материјалот и знаел доволно за преодна оценка. Тие си знаат најдобро што се случува, но моето мислење е дека тие трпат притисоци да пишат преодна двојка – вели Ефтим Пејовски, долгогодишен директор на училиштето за средно образование „Михајло Пупин“, во кое годинава се запишаа повеќе од 200 нови ученици.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во ова училиште, како што информира директорот, годинава четворица повторувале година, минатата година – шестмина, а пред две години бројот на повторувачите бил 11. И овде се гледа тенденција на намалување на оние со незадоволителен успех.
– Ова е така затоа што кај нас од година на година се запишуваат сѐ појаки ученици, односно ученици со над 60 освоени поени. Повторувачите затоа и се сѐ поретки. Она што треба да се проанализира е дали повторуваат вистинските ученици? И зошто оние деца што преку целата година имале голем број слаби оценки, наеднаш поминуваат – истакна директорот Пејовски.
Оваа година значително беше намален бројот на повторувачи и значително беа намножени петките во свидетелствата, затоа што државата го укина екстерното тестирање. Наставниците и професорите повеќе не преземаат одговорност за оценките што ги пишуваат, односно нема казни и награди за нивната (не)објективност во оценувањето.

Годинава имаше цели паралелки во кои сите ученици од прв до последен поминуваа одлични. Имаше одделенија во кои половината беа со сите петки, а другата половина со понекоја четворка, односно немаше ученици со тројка во свидетелствата. Апсурдот е во тоа што, според свидетелствата, нашите деца се најдобри, а експертите постојано предупредуваат дека произведуваме сѐ понеписмени и понеквалитетни генерации. Низ македонскиот образовен систем, генерално, многу полесно се поминува во споредба со некои минати времиња, но последица од тоа е огромниот неквалитет што се добива на крајот (чест на исклучоците). Тоа се случува и во високото образование. Колку за споредба, на правниот факултет „Јустинијан Први“ пред десет години проодноста на студенти што завршуваат прва и преминуваат во втора година била 15 отсто, а по воведувањето на Европскиот кредит трансфер-систем, проодноста скокна на 60 отсто.


Колкав е бројот на повторувачи низ годините?

2009/2010 – 578
2014/2015 – 562
2015/2016 – 405
2016/2017 – 326