По посетите на Германија и Словенија, заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, денеска во Хрватска оствари средба со премиерот Андреј Пленковиќ и со министерот за надворешни работи Гордан Грлиќ-Радман, на која се разговараше за очекувањата и изгледите за придвижување на пристапниот процес за Северна Македонија, како и за домашните реформи и билатералната соработка.
– Токму овде во Загреб, пред две декади ја парафиравме Спогодбата за стабилизација и асоцијација со која започна нашиот евроинтегративен пат. Пријателска Хрватска била и останува еден од нашите најголеми поддржувачи во процесот на пристапување, а нивните заложби и посветеност се потврдија и за време на претседателството со Унијата кога, во март 2020 година го добивме зеленото светло за почеток на преговорите. Со премиерот Пленковиќ заеднички констатиравме дека е потребно што е можно побрзо да се постигне консензус за Преговарачката рамка и да се одржи првата Меѓувладина конференција со Северна Македонија. Крајно време е оваа одлука да стане реалност – изјави Димитров.
Соговорниците се осврнаа и на тековната билатерална соработка која вклучува и конкретна поддршка за јакнење на националните административни капацитети за усогласување на законодавството со правото на ЕУ како и споделување на хрватските искуства за унапредување на координативните механизми и преговарачката структура.