Медицинските сестри и техничари, кои завршиле високо школо или специјализација, и на кои од 2015 година наваму тоа образование не им беше платено, од септември ќе добијат надоместок на платата, најавија денеска министерот за здравство Венко Филипче и претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита д-р Љубиша Каранфиловски.
– Во 2015 е направен еден пресек, тогаш е донесена одлука да се платат само специјализациите oд високите школи на тие што дотогаш завршиле, т.е. се стекнале со образование од 180, односно 240 кредити. Сите медицински сестри и техничари што инвестирале во своето образование од 2015 натаму не можеа да си го валоризираат преку својата плата – кажа министерот.
Решението, како што кажа тој, е постигнато преку соработката со двајцата директори на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ). Ќе се направи анекс на Колективниот договор во согласност со Законот за здравствена заштита во согласност со начинот како се одредува висината на платата.