Факултетот за физичко образование, спорт и здравје на новинарката Поповска ѝ го додели признанието за серијата текстови поврзани со воведувањето на тандем-наставата по физичко образование
Серијата написи на Антонија Поповска, новинарка во весникот „Нова Македонија“, во врска со потребата да се озакони тандем-наставата по физичко образование во одделенската настава, беа повод Факултетот за физичко образование, спорт и здравје да ѝ додели признание за придонесот во процесот. Написите резултираа со успех, односно надлежните во Министерството за образование и наука имаа слух и ја воведоа новината во новиот закон за основно образование, кој е во сила од оваа учебна година. Признанието за особен придонес во афирмацијата на спортот на Поповска вчера ѝ го врачи деканката Ленче Алексовска-Величковска. Признанија за придонес им беа доделени на вработени и на соработници на факултетот.
– Испишавме историја. Сѐ за што се залагавме како факултет, немаше да успееме да го реализираме без поддршката на,,Нова Македонија“, која во почетоците, но и низ целото време, заедно со факултетот укажуваше на сите придобивки во однос на здравјето на децата од оваа голема промена. Медиумите имаат значаен придонес, а ние сме благодарни за тоа – рече Величковска.
Поповска истакна дека ова признание е силна потврда за сериозноста на весникот во однос на несебичното залагање и важноста на спортот, особено во детската возраст.
– Првиот македонски дневен весник во државата останува да се движи во правилната насока, нешто што е дел од давањето безусловна поддршка на сѐ што е во интерес на здравјето и правилниот развој на нашите деца. Иако морам да признаам дека бев скептик во почетокот, од оваа временска дистанца мене ми е навистина драго што заедно со деканката на Факултетот за физичка култура ја поттикнавме државата да го направи овој револуционерен исчекор и да ги озакони тандем-наставниците. Ако една држава сака да покаже зрелост и сериозност, тогаш едноставно мора да се грижи за идните генерации – рече Поповска.
Децата на возраст од седум до десет години се во еден специфичен развоен период, односно во овој период треба некој правилно да му ја демонстрира вежбата на детето, за да знае да го повтори движењето. Деканката во еден од текстовите истакна дека ако нема демонстрација, детето не може да го разбере движењето.
– Затоа се потребни стручни кадри што на децата ќе им демонстрираат правилни движења, оти ако не научи правилно да ги прави, тоа е основа за создавање деформитети. Ако детето не оди правилно на прсти, тогаш ќе има деформитети во коленовиот зглоб. Тука се и сколиозата, кифозата, лордозата. Оваа новина е оправдана и од психолошки и од моторички аспект. Координацијата, снаодливоста, агилноста, брзината мора да се зацврстуваат од најмали нозе – рече таа.